Американската актерка Кели Престон, која е позната по улогите во филмовите „Џери Мекгваер“ и „Близнаци“, почина на 57-годишна возраст по двегодишна борба со рак на дојка, објави на својот Инстаграм нејзиниот сопруг, актерот Џон Траволта.

„Со тешко срце, морам да ги известам сите дека мојата убава сопруга Кели ја загуби својата двегодишна битка со рак на дојка“, рече Траволта (66).

Актерката е родена како Кели Камалелухуа Смит во Хонолулу, а своето име го смени во Кели Престон пред улогата во нејзиниот прв филм „Палавост“ во 1985 година.

Траволта се запозна со Престон во 1988 година во заедничкиот филм „Експерти“. Тие се венчаа на 5 септември 1991 година во Париз.

Двојката има две деца, Ела (20) и деветгодишниот син Бенџамин. Нивниот син Џет почина во јануари 2009 година на 16-годишна возраст за време на семеен одмор на Бахамите. А.Н.