Македонската актерка Мајда Тушар почина утрово на 70-годишна возраст, соопшти Драмски театар Скопје. Мајда Тушар која е родена во 1950 година во Скопје беше дел од ансамблот на Драмски од 1972 до 2015 година. Дипломираше актерска игра во првата класа на Факултетот за драмски уметности Скопје и веднаш по дипломирањето активно се вклучи во тековниот репертоар на театарот, особено во проектите на Вечерната сцена.

Од многуте актерски остварувања се издвојуваат нејзините улоги Рут во „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“ (1973), Лисјена во „Болва во уво“ (1974), Дафина во „Јане Задрогаз“ (1974), Неда во „Црнила“ (1977), Ленче во „Ослободување на Скопје“ (1978), Орсолина во „Рибарски караници“ (1979), Невестата во „Чудото на Свети Ѓорѓи“ (1981), Клодија во „Тетовирани души“ (1986), Кристина во „Сили во воздухот“ (1988), Медеја во „Медеја“ (1988) и Блага во „Кула Вавилонска“ (1990).

Добитничка е на наградата „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на театарот, Актер на годината за улогата на Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“, Наградата „Војдан Чернодрински“ за главна улога за улогата на Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“ и Награда за најдобра споредна улога за ликовите на мајките во претставата „Роберто Зуко“.