Актерот Небојша Глоговац почина денеска во Белград на возраст од 49 години. Тој ќе остане познат по бројните улоги на филм, телевизија и театар, за кои доби и домашни и меѓународни награди.

Роден е на 30 август 1969 година во Требиње, во семејството на свештеникот Милован и кројачот Милена Глоговац. Пред околу десет дена, Глоговац итно беше примен во Институтот за онкологија, а потоа медиумите пишуваа дека актерот е тешко болен и дека неговата здравствена состојба е сериозна.

Својата прва улога ја одигра во серијата „Подобар живот“, во која го играше школскиот другар на Слободан Боба Попадиќ. По завршувањето на средното образование, се запиша на студии по психологија на Филозофскиот факултет, а по две години се префрли на Факултетот за драмски уметности во Белград во класата на професорот Владимир Јевтовиќ. Студираше заедно со Наташа Нинковиќ, Воин Четковиќ и Сергеј Трифуновиќ.

Првиот филм на кој се појави беше „Вуковар, една приказна“, каде што го играше ликот на војникот Фадил. Првата главна улога ја имаше во филмот „Убиство со предумисла“, каде го толкуваше ликот на Богдан. Потоа се редеа улоги во „До коска“, „Буре барут“, а голема популарност стекна во серијата „Семејно богатство“, во која играше Златко Гавриловиќ.

Забележителни улоги оствари и во филмовите „Молњи“, „Кога ќе пораснам ќе станам кенгур“, „Небесна јадица“ …

Беше успешен театарски актер, со улоги во претставите „Хадерсфилд“, „Сомнително лице“, „Метаморфози“, „Талкач“ …

Една од неговите последни улоги беше во телевизиската серија „Немањиќи – Раѓањето на кралството“, каде што ја толкуваше улогата на Вукан, најстариот син на Стефан Немања.

Беше оженет и имаше три деца.

Добитник е и на бројни награди, како што се „Златна арена“, наградата на Југословенско драмско позориште, наградата Зоран Радмиловиќ, Стеријина награда за актерско остварување и други.