Денеска во Скопје на 85 годишна возраст почина диригентот и композитор Александар Џамбазов.

Неговиот син Игор на својот инстаграм профил со емотивна порака ја потврди веста за заминувањето на нашиот „маестро“:

„Си замина нашиот МАЕСТРО, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години…од денес, конечно со својата Анче…вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој…“

Александар Џамбазов, македонски диригент и композитор, е роден на 3 февруари 1936 година во селото Стапар, Војводина. Тој целиот свој работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент и на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство, а добитник е на голем број стручни награди.

Автор е на голем број детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент беше на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори. Тој беше во брак со актерката Анче Џамбазова, а нивни деца се Тања Џамбазова и познатиот актер и шоумен Игор Џамбазов.