Шведскиот актер Макс Фон Сидоу, кој глумеше во повеќе од стотина европски и американски филмови и серии, почина на 91-годишна возраст. Веста ја објави неговото семејство, кое напиша дека се „скршени и многу тажни“. Макс Фон Сидоу почина во неделата, опкружен со семејството, пренесе „Би-Би-Си“.

Во големата и богата актерска кариера, Фон Сидоу ги сними меѓу другите, „Егзорцист“, „Хана и нејзините сестри“, „Малцински извештај“ и други. Тој има снимено дури 11 филмови со режисерот Ингмар Бергман, меѓу кои и „Седмиот печат“ во кој ја предизвикува Смртта на повеќедневна партија шах.

Глумеше до минатата година, а во една од неговите последни улоги играше во три епизоди на „Игра на тронови“.