четврток, април 25, 2024
домаНасловнаПочина Љубисав Иванов Ѕинго, Социјалистичката партија се прости од својот лидер

Почина Љубисав Иванов Ѕинго, Социјалистичката партија се прости од својот лидер

Социјалистичката партија на Македонија соопшти дека утринава почина претседателот на партијата, Љубисав Иванов Ѕинго.

„Роден е во 1936 година во Трновец, Кратовско. Во Кратово завршува основно, а во Куманово гимназиско образование, додека студиите по рударство ги завршил во Белград.

Во родниот град се враќа да го примени стекнатото знаење и целиот свој живот останува во рударскиот комбинат „Силекс“ и во родното Кратово, посветувајќи се целосно на развојот на комбинатот и на градот.

Остваруваше исклучително богата стопанска и политичка кариера. Од својата работна организација создаде исклучително богата компанија со разновидни дејности, почнувајќи од неметали до туризам и медиумската свера. Со широко распространетите активности на комбинатот и посветеноста на развојот на градот и неговите жители, „Силекс“ своевремено стана добитник на највисокото признание на бившата СФРЈ – наградата АВНОЈ.

Пред 25 години застана на чело на Социјалистичката партија на Македонија. Под неговото водство СПМ израсна во значаен политички субјект во општествено политичкиот живот на Македонија и најдолго од сите политички партии активно присуствуваше во парламентарната и државната власт на земјата.

Ѕинго успешно ја водеше партијата низ сите предизвици на времето, при што пројавуваше ангажмани и во другите општествени дејсности.

Постојано е политички и стопански ангажиран, секогаш на прв план ги ставал во секоја прилика историската улога на македонските социјалисти во создавањето на македонската држава, во минатото и денес.

СПМ, со целото свое членство, во големата тага за загубата на нашиот Ѕинго ја изразува својата благодарност за неговиот придонес во успешното водење на Партијата.

Денес во 14 часот во седиштето на СПМ ќе се одржи комеморативна седница посветена на Љубисав Иванов Ѕинго.

Вечна му слава на другарот Љубисав Иванов Ѕинго“, соопштија од СПМ. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ