Најмалку 99 лица починале, а голем број се префрлени во болниците во северна Индија по конзумирање на токсичен алкохол, објавија официјалните претставници.

Властите веднаш започнале со акција против нелегалното производство на алкохол. Вестите за се повеќе и повеќе жртви пристигнуваат во последните три дена од Утар Прадеш и Утарханд. Полицијата се сомнева дека пијалокот е направен со користење на метанол, пренесе АФП.

Евтини локални алкохолни пијалаци лесно се наоѓаат во руралните делови на Индија, а производителите често користат токсичен метанол или антифриз за да ја зголемат моќноста на пијалаците.

Ако се внесе во телото во поголеми количини, метанолот може да предизвика слепило, оштетување на црниот дроб или смрт. Индиски медиуми објавија дека околу 3.000 луѓе биле уапсени ширум Утар Прадеш по трагедијата со нелегална трговија со алкохол.