Првата детска амбасада „Меѓаши“ денеска ја претстави кампањата “Поттикни мир” со желба заедно да се дискутира и размислува за прашања поврзани со мирот но и да поттикне заеднички и индивидуални акции кои би придонеле кон градењето мир. Мирот не е само отсуство на војна, ниту моментна состојба туку константен процес кој директно зависи и од нашите акции.

„Дали живееме во мир? Што е мир за секој/а од нас? Како го препознаваме? Чија одговорност е мирот? Како да градиме подобро општество за сите? Како да ги решаваме конфликтите без насилство? Како може да се поттикне мирот? Што може секој/а од нас да направи? Глобалната пандемија ги изнесе на виделина и одново ги нагласи проблемите со кои се соочува човештвото, а донесе и сосема нови предизвици и проблеми. Чувствувајќи се затечени и преплавени со глобално лошата состојба, на сите нас повеќе од било кога ни е потребно заедничко дејствување, конструктивност, акција и добри дела за да ја подобриме состојбата барем делумно и да се охрабруваме да градиме заедничка подобра иднина“, објснуваат од „Меѓаши“.

Оттаму додаваат дека целта на кампањата е да се поттикнат активности кои ќе ги промовираат вредностите како што се: еднаквоста, одговорноста, дијалогот, ненасилството, емпатијата, социјалната правда итн., односно ангажирајќи се на овие полиња, секој/а да даде свој придонес кон градењето мир и општествената промена, вели организаторот.

Во таа насока, оваа кампања се фокусира на човековите вредности и преземање акција, поттикнување промена на локално и индивидуално ниво. Сите ние имаме општествена одговорност да го градиме и одржуваме мирот, затоа ајде секојдневно:

– Да поттикнуваме емпатија, разбирање и солидарност, да се залагаме за родова еднаквост, да градиме заедничко живеење, да комуницираме и да слушаме повеќе, да ги учиме новите генерации да не се плашат да дискутираат за работите кои им се нејасни или непознати, постојано да промовираме ненасилство…

– Да поттикнуваме разговор за овие теми, со нашите блиски или со некој што не го знаеме, разговор со некој помлад или повозрасен итн., да дејствуваме, сами или здружени.

– Да поттикнуваме разговори за овие теми меѓу родителите и децата, наставниците и учениците. Наместо навредување, критикување, казни и закани, на децата им се потребни родители и наставници од кои ќе можат да учат за човековите вредности и кои ќе им овозможат атмосфера на љубов, меѓусебно прифаќање, доверба, сигурност, почитување, поддршка. Повеќе од јасно е дека светот и секој човек, на едно поинтимно, индивидуално ниво има потреба од дела на добрина а уште повеќе од заедничка акција и пред се комуникација!