Речиси 12 години по смртта на Ејми Вајнхаус, започна продукцијата на филмот за животот на британската соул икона. Снимањето на филмот наречен „Back to Black“ (како што се нарекува вториот албум на Ејми) започна вчера во Лондон, напиша режисерката Сем Тејлор Џонсон на Инстаграм, заедно со првата фотографија од главната актерка Мариса Абела.
Абела има високо подигната коса, тетоважи и карактеристични големи шишки, а многумина ја истакнаа сличноста со покојната пејачка. Филмот ги следи „живописните рани години на Ејми во Лондон и нејзиното интензивно патување до славата“.
Тејлор Џонсон е најпозната по филмовите „50 нијанси сиво“ и биографскиот музички филм „Џон Ленон: Момче кое ветува“ (Nowhere boy).
Младата британска актерка Мариса Абела (26) е ѕвезда на ТВ серијата „Индустрија“ на „Ејч-би-о“. Актерката објави фотографија на која стои пред голем графит портрет на Вајнхаус.
– Те сакам Ејми – напишала под фотографијата.
Покрај нејзиниот величенствен глас и големите музички хитови, Вајнхаус ги полнеше страниците на весниците поради своето однесување. Таа со години се бореше со зависноста од алкохол и дрога. Таа почина на 23 јули 2011 година од труење со алкохол, кога имаше само 27 години.
Во 2015 година, британскиот режисер Асиф Кападиа сними документарен филм за животот на пејачката наречен „Ејми“, за кој доби Оскар.