Со изработка на мурал на фасадата на киното „Партизан“ во Битола се отвора годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности во продукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФР~У). Автори на муралот се КУРС колективот од Белград, изработката на муралот е во продукција на ФР~У во партнерство со Народен Театар Битола.

Годинава АКТО потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира како анти-национализмот, антифашизмот, антидискриминација, почитување на различностите, почитување на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.

„Во општество каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници“, се вели во соопштението на организаторите. А.Р.