Со концерт на британскиот пијанист Александер Хокинс вечерва во 20 часот почнува 37. издание на Скопскиот џез фестивал, што ќе трае до недела, 21 октомври.

Ќе можат да се проследат 12 концерти во четирите дена од фестивалот, во Македонската опера и балет (МОБ) и во Денсинг салата на Младински културен центар (МКЦ), каде на програмата ќе бидат полноќните свирки.

По Хокинс, на сцената во МОБ од 22 часот ќе може да се слушне необична мешавина од џез и хип хоп. За првиот дел ќе биде задолжен квартетот на саксофонистот Дејвид Мареј, кој ќе биде придружуван од култниот американски поет, рапер и раскажувач Сол Вилијамс. Билетите се распродадени, останува уште мал број на билетарата на МОБ. Програмата на полноќ се сели во МКЦ, кадешто во тандем ќе настапат американскиот гитарист и пејач Арто Линдзи и норвешкиот тапанар Пал Нилсон-Лав. Нивната соработка трае од 2013 година и претставува фузија на ноиз, експериментален џез и бразилски ритми.

Имено,СЏФ беше најавен со промоција на цедето „Панда 5“ во Менада, со доделување на наградата најдобар млад џез изведувач на Филип Димишковски во „Винил“ и со синоќешната преполна со посетители и амбасадори, африканска изложба во Музеј на Македонија.