Фузија од ритми ја раздвижи полната сала на МКЦ синоќа на отворањето на 17-тото издание на ОФФест, потврдувајќи го името „Денсинг“ со фактот дека немаше присутен кој не ги следеше танцувачките инструкции на веселите „Јупитер и Оквес“. Во скоро двочасовниот камбек настап на Фестивалот на музика од светот, бендот од Конго на годинашното отворање понуди енергична комбинација од музички жанрови, и одлична комуникација со публиката која ја вклучи како дополнителен член во својот настап. Уживањето беше видливо и кај оние пред сцената и кај оние кои во неколку наврати се најдоа горе рамо до рамо со музичарите, споделувајќи ја магијата на универзалниот музички јазик. „Јупитер и Оквес“ понудија комплетно уживање на своето враќање во Скопје и навестување за енергично продолжение на годинашниот ОФФест.
Дансинг салата на Младинскиот културен центар денеска на вториот ден од фестивалот е резервирана за два концерта. Од 21 часот петчлениот македонски состав „Фајтинг виндмилс“ (Fighting Windmills), единствените домашни учесници на 17. ОФФест вечерва концертно ќе го промовираат најновиот албум „An Exercise in Surprise“ што го објавија во април годинава.
„Фајтинг виндмилс“ се Филип Букршлиев (гитара), Никола Гугоски (гитара), Нинослав Спировски (саксофон, кларинет), Дени Омерагиќ (бас) и Антоние Весковски (тапани). Формирани во 2007 година, тие создаваат музика што не подлежи на категоризација, пронаоѓајки го својот идентитет во играта со повеќе жанровски и стилски извори, меѓу другите и со пост-рок, фри-џез, пост-панк, фолклор, амбиентална и современа класична музика. Во нивната дискографија имаат пет албуми, а во меѓувреме соработуваат со претставници на македонската современа џез-сцена, како Sethstat и Јордан Костов.
На истата сцена во МКЦ вториот концерт вечерва е на петчлениот американско-австралиско-турски состав „Диртмјузик“ (Dirtmusic). Формирани се од американските музичари Крис Екман и Крис Броков и Австралиецот Хуго Рејс (Тhe Bad Seeds) како акустично блуз трио, a светски позната музичка група станале речиси случајно. Пред една деценија на фестивалот во Тимбукту во Мали се здружиле со туарезите од групата „Тамикрест“. Новиот албум на „Диртмјузик“ „Bu Bir Ruya”, објавен во јануари 2018 година, е веројатно досега најдобриот нивни албум на кој на Крис и Хуго им се придружува и Мурат Ертел (Баба Зула). Албумот „Bu Bir Ruya“ е мешавина од пост-панк, турска психоделија, фанк, рок и електроника, доволна најава за уште една вечер на енергична музика од светот. А.Р.