Илустрација Фото: Pixabay

Институтот за јавно здравје инсистираше денес да бидат тестирани сите ученици на средното мешано училиште „Братство единство“ во Улцињ, кои беа на патување на Жабљак и Колашин, дознава порталот „Ул-инфо“. Од денес 130 ученици се во самоизолација и не одат на училиште, потврди директорот на училиштето Хусеин Цено Катана.

Претходно, брзите тестови покажале дека од 130 средношколци, над 20 биле позитивни на коронавирус. Останатите денес се тестираат во просториите на Здравствениот дом во Улцињ.

Според директорот, училиштето не го одобрило патувањето за децата, туку, како што тврди, тие отишле на своја рака.

„Тие се организирале преку агенција и отпатувале. Кога слушнаа дека не сум го одобрил нивното организирано патување, дојдоа пред мојата канцеларија и рекоа дека ќе се организираат сами. Не можев повеќе да влијаам на тоа. Се консултирав со ресорното Министерство. Ми рекоа дека патувањето не е забрането, но ниту се препорачува. Јас не дадов дозвола, ниту, пак, училиштето има врска“, рече Катана.

Сепак, двајца професори по физичко образование Кадри Синани и Еродит Синани, како што дознава порталот „Улцињ“, биле со децата. Родителите наведуваат дека и професорот Рока Љуљџурај бил со децата, но директорот на училиштето вели дека тој е во пензија од октомври, и дека можеби отишол во приватен аранжман, пренесе РТЦГ.

„Им дозволив на професорите по физичко образование да одат, да имаат барем одредена контрола кога децата веќе беа организирани, а родителите им дозволуваа. Ова се работни денови и сите се запишани. Тоа се неоправдани отсуства, ако родителите не го оправдаат отсуството од часови“, рече Катана. А.Н.