Мендо Димовски

Како што бидува и оваа година Ѓурѓовден се појави во своето празнично руво, па и сонцето брзо излезе, го најави денот и ни го осветли патот кон демирхисарското село Суводол, кое распрострено низ пролетното зеленило на неколку километри од главниот пат, со душа го чекаше празникот да ни ги отвори вратите и посака добредојде. Ние неколкумина, почести и почесни придружници на нашиот (и светски) познат уметник Живко Поповски – Цветин, како и другите најавени учесници во настанот поитавме од сите страни навреме да стигнеме на оваа Ѓурѓовденска средба. Со приказна за големината и творечкиот опус на уметникот, кој ден порано беше отишол во Битола и таму да ја шири и распламтува својата мироцветна мисија, низ убавиот крајолик од Скопје кон Демир Хисар, заедно се возевме со ретко енергичната Катерина Митковска, претседателка на Здружението на просветни работници и литературни творци од Скопје, со Билјана Ѓоревска, сѐ уште непромовираната експерт-поетеса за љубовна поезија и Стево Стефановски, еден од најпознатите македонски пилоти со семејна традиција и посебна љубов кон воздухопловството и уметноста.

Во Суводол, пред трлото на пастирот Љупчо Котевски, под падините на околните ридови, насред разбудената и набуена природа, не дочекаа домаќинот и организаторите. Беше поставена и цветната изложба на Цветин со слики и пораки распоредени на затегнатиот канап, со безброј насликани цветови, вклопени во расцутените тревки и мирисливи билки, што токму на овој ден се збираат и цела година се употребуваат и чуваат за здравје и бериќет во семејството. Овде и ветерот имаше своја улога да ги разниша сликите на Цветин и да ги разнесе пораките од неговата мисија за чувањето на мирот и слободата, за меѓусебното почитување и помагање, за негувањето на здравјето и заложбата за подобар живот и просперитет на сите луѓе во светот. Набрзо импресивниот впечаток се надополни и со доаѓањето на другите учесници, а вниманието посебно го привлекоа учениците од подрачното училиште „Гоце Делчев“ со својот џагор и растрчканост по тревата.

Воодушевен од празничниот амбиент, Цветин застана пред „микрофонот“ и со видна смиреност и елоквентност ја одржа својата пригодна беседа, нагласувајќи го значењето на празникот за чување и пренесување на традицијата врз младите поколенија. Токму по тој повод најпрво го повика најмладиот одгледувач на овци Ангел Петковски со звуците на својот кавал да го обзнани одбележувањето на празникот. Видно возбуден и среќен, потоа Цветин му даде збор на својот некогашен учител, а сега еминентен професор и доктор Александар Стерјовски, кој зборуваше за големината на празникот потсетувајќи на потребата за негово чествување и продолжување на традицијата. Низ сеќавањата од младоста, професорот ни долови моменти и од школските клупи на ученикот Живко Поповски, а ја искажа и среќата што тој станал подобар и го надраснал учителот!

Инспиративен говор од својата област одржа професорот д-р Борче Ангелков, а поздравни обраќања имаа и други претставници на значајни субјекти од Општина Демир Хисар. Потоа најмладиот овчар, повторно со мелозвучниот кавал го најави настапот на гостите – поети од Скопје, кои со своите творби за празникот побраа многу бурни аплаузи од присутните. Своевиден придонес во одбележувањето на празникот имаше и пастирот Љупчо Котевски со приказната за одгледување на овците и помошта на кучињата во чувањето на стадото. Тој го спомна и јунаштвото на своето куче Караман кое во одбрана на стадото го победило крволочниот волк, но преживеало и од каснувањето на змија отровница.

Средбата заврши со голема благодарност до сите учесници и доделувањето „Цветинова награда за мир“ од уметникот на својот учител и поголем број слики и книги на учесниците. Присутните среќни и задоволни од средбата, си појдоа кон своите домови, а нашиот „караван“, во придружба на големиот уметник Живко Поповски – Цветин, тргна минувајќи низ природните демирхисарски убавини и по неговите цветни патеки посипени со спомени од младоста.

Патот нѐ наведе низ живописното градче Демир Хисар, од двете старани надолж протегнато и опколено од врвовите на планините, кои, чиниш ѕиркаа од небото за да го следат нашето движење. Љубопитноста за нови доживувања ни ја привлече и  манастирот „Св. Јован Претеча“, а возилото „само“ се упати кон него за да ни даде благослов за среќно патување. И, навистина така беше. Таму се напивме вода и духовно се окрепивме. Со посебна сила се здоби и нашиот нов сопатник, па ја отвори меморијата и приказната за неговите роднокрајни патешествија.

Брзо и лесно го совладувавме просторот, а возилото повторно „само“ го промени правецот и сврте кон родното Брезово на уметникот. Со восхит и занес во приказната за раѓањето на љубовта кон сликањето и оживувањето на цвеќињата, дури не забележавме кога дојдовме до влезот на селото, каде што, налик на бункер, нѐ пречека првата варџилница, како граничар на граница што нѐ чува од непријатели. Такви „бункери“ од бели камења, ни објаснуваше Цветин, Брезово има околу триесетина, а мештаните од нив го „вадат и печат“ лебот насушен.

Брзо стигнавме и на сретсело. Се освеживме со студената вода што џрџаше од двете чешми, а Цветин за минута-две пред нас отиде нагоре и ни ја отвори својата родна, а сега „музејска“ цветна куќа. Во безбедна тишина и топлина од дебелите ѕидови, уметникот започна нова приказна за детството, а нашата љубопитност ја привлекоа и старинските предмети, како и начнатата архитектура од забот на времето што се  совпаѓаше со изгледот на соседните и речиси на половина празни куќи од селото. Цветин нѐ запозна и со „работната соба“ каде што го отвори сопствениот дневник на збиднувања и заедно почнавме да го прелистуваме и да ги броиме неговите настани и активности, патувања и средби со видни светски лидери и политичари, со уметници, хуманисти и нобеловци. Ги запишуваме и запамтуваме наградите и признанијата што ги добивал при разни поводи и заслуги од многу големи и познати државници, институции и субјети во нашата земја и светот.

Но, кој може за Цветин во еден здив сѐ да наброи и накаже, кој може постојано и на дневна основа да го следи во одбележувањето на значајни датуми и празници, во иницирањето и спроведувањето разни хумани активности и создавањето дела што зборуваат за неговата големина.

Почестени со искреното добредојде и гостопримство, Цветин ни подари и живо цвеќе – здравец од неговиот двор, кое токму на Ѓурѓовден се бере и чува за здравје и среќа во семејството. Оттаму, со нова свежина и здравец во рецете повтрно заедно се упативме кон нашите домови во Скопје. Но во придружба на Цветин, никој не може да предвиди кога и каде уметникот ќе застане за да ни прикаже некоја нова цветна изложба, или да ни приреди некава друго изненадување?! Навистина така и се случи. Падна предлог да застанеме и да ја погледаме неговата изложба што оставила траги во преубавиот ресторан „Три бисери“ во близина на селото Козица, кој лежеше опчекорен преку бистрата река Белица, по чија брзица Цветин во стаклени шишиња повеќепати ја испраќал својата мироцветна порака, што преку реките и океаните лесно може да стигне и да допре до сите точки и мередијани на светот.

Пред нас повторно се отвори прекрасниот амбиент со бисерна убавина на ресторанот, во која со целиот сјај светна новата цветна изложба на Цветин со 24 врамени големи формати на уметнички слики, со кои заедно со импресиите и новите доживувања ја преполнивме меморијата на нашите телефони.

Овде мора да го запрам моето раскажување за уметникот, иако сакав да го обогатам со други настани и негови активности. Се откажав од таквата намера, зашто приказната за него никој не може докрај да ја раскаже. Навистина, ако се навлезе длабоко во осознавање и опишување на неговото дело, кој и да било, нема да се прашува и чуди зошто Цветин 2009 година беше во најтесниот избор за Нобелова награда, а сигурно секој би ја поддржал и годинашнава иницијатива и номинација за ова највисоко признание. Затоа, не се сомневам дека нашиот познат уметник, хуманист и светски господар на цвеќето на мирот, сигурно ќе се впише во редот на светските нобеловци, а некогаш  и вброи во духовните светци. Не само јас што се надевам во тоа, туку истото го предвидела и му го препорачала нашата нобеловка и голема хуманистка, светицата Мајка Тереза. Но, останува да да ја чекаме одлуката и да се надеваме дека заедно ќе го прославуваме и ова големо признание!