ФОТО AP

Пет години откако Гвинеја објави дека нема ебола, официјалните лица во оваа африканска земја прогласија епидемија на болеста од која починаа повеќе од 11.000 луѓе во земјите на Западна Африка во времето на најголемата епидемија.

Сепак, експертите сметаат дека сега, благодарение на претходното искуство во борбата против болеста и новите вакцини, епидемијата на ебола може да се стави под контрола побрзо и поефикасно, пренесе денес Радио Слободна Европа (РСЕ), пишувајќи во светските медиуми.

Гвинеја прогласи нова епидемија на ебола во неделата кога беа потврдени позитивните тестови за вирусот кој усмрти три лица на југоистокот на земјата, додека четворица се разболеа, пренесува Ројтерс.

Во првото ширење на таа болест во Гвинеја по нејзината најтешка епидемија во 2013-2016 година, на пациентите им се слошило откако присуствувале на погреб во градот Гуеке, на 1 февруари, кога била погребана медицинска сестра која претходно била лекувана во Нзерекоре, градот каде избувна еболата во 2013 година. Повторната борба против еболата, посочува Ројтерс, дополнително ќе ги оптовари здравствените услуги во Гвинеја, бидејќи тие исто така се борат против пандемијата со ковид-19, а Гвинеја, земја со околу 12 милиони луѓе, досега има регистрирано 14.895 инфекции со корона вирусот и 84 смртни случаи.

Гвинеја ќе ги набави новоразвиените вакцини против ебола преку Светската здравствена организација (СЗО), која вети итна помош среде новата епидемија на таа болест, објави „Би-Би-Си“.

Вакцината против ебола, објаснува британската служба, за прв пат е тестирана во 2015 година во Гвинеја, додека во последниве години се развиваат лекови кои можат да ја зголемат стапката на преживување на пациентите.

Претставникот на СЗО во Гвинеја Алфред Џорџ Ки Зерба изјави дека агенцијата на ОН е во целосна готовност и во контакт со производителот на вакцини „за да се осигура дека потребните дози ќе бидат ставени на располагање што е можно побрзо“.

Нова епидемија на вирусот, додава „Би-Би-Си“, е регистрирана во приближно истата област каде што започна епидемијата во декември 2013 година. Со оглед на прекуграничната трговија помеѓу Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне и нивните релативно слаби здравствени системи, постои загриженост дека болеста може да се прошири повторно.

Преку Меѓународната асоцијација за вакцини Гави има глобални залихи од 500.000 дози. Но, посочува „Би-Би-Си“, бидејќи трите земји имаат околу 22,5 милиони жители, постои загриженост дали производителите ќе имаат доволно време да произведат повеќе вакцини доколку е потребно, особено во време кога КОВИД вакцините се приоритет.

Откако службениците за јавно здравје во Гвинеја прогласија нова епидемија на ебола, здравствените истражители се обидуваат да најдат и изолираат сомнителни контакти што е можно поскоро со цел да го спречат ширењето на вирусот во следните шест недели, пишува „Вашингтон пост“, истакнувајќи дека оваа западноафриканска земја се соочува со четири епидемии истовремено. Гвинеја, една од најсиромашните земји во светот, покрај пандемијата на корона вирусот, се бори и против епидемии на жолта треска и сипаници.

Освен во Гвинеја, нов случај на ебола се појавува и во Конго, само неколку дена пред Светската здравствена организација да се надева дека ќе објави крај на ширењето на вирусот во таа земја. Епидемиите се сметаат за неповрзани, додава весникот.

Гвинеја, која беше почетна точка за најтешката епидемија на ебола во светот на крајот на 2013 година, овој пат реагираше многу побрзо благодарение на искуството на здравствените работници кои веднаш идентификуваа пакет случаи, додека екипите за контакт брзо се зајакнаа, истакнува „Њујорк Тајмс“.

Од претходната епидемија на ебола, која заврши во 2016 година, кога Гвинеја го забележа последниот случај на заболување – од која беа заразени повеќе од 28.000 луѓе во 10 земји за три години – истражувачите откриле нови вакцини, третмани и брзи дијагностички тестови, како и нови начини на реагирање на избивањето на болести.

Шефот на СЗО во Гвинеја Џорџ Ки Зербо посочува дека се научени многу лекции за време на претходната епидемија, вклучително и потребата од „вклучување на заедниците од почеток“, т.е. традиционалните исцелители, кои честопати се прва станица за луѓето кои бараат лекување во рурална Гвинеја. А.Р.