Рано утрово, на петтиот ден од самитот, лидерите на 27 земји од Европската унија постигнаа договор за планот за заживување на економијата во Унијата, кој е загрозен од епидемијата на коронавирус.

Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, утрово на Твитер напиша дека е постигнат договор со кратката порака „Договор!“ (Deal!).

„За прв пат во историјата, буџетот на ЕУ ги поврзува целите на спроведување мерки во борбата против климатските промени и почитувањето на владеењето на правото со распределување на финансиска помош“, рече Мишел на прес-конференција.

Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лаејн, рече дека ЕК предложила инструмент за преземање мерки во случај на повреда на владеењето на правото.

Според неа, неопходно е да се заштитат финансиските интереси на ЕУ и да се воведат построги контроли за распределбата на финансиската помош и фондовите на Унијата.

Според предложениот инструмент, секоја мерка за суспендирање или евентуално намалување на финансиската помош заради кршење на владеењето на правото во една земја, прво мора да биде одобрена од мнозинството земји-членки на ЕУ за мерката да стапи на сила.

Унгарија и Полска се особено насочени затоа што ЕУ претходно започна постапка против нив за кршење на европските правни и демократски вредности.

Од своја страна, францускиот претседател Емануел Макрон напиша на Твитер дека е „историски ден за Европа“.

„Тоа е историска промена за нашата Европа и за нашата еврозона. Направен е голем чекор“, рече подоцна Макрон на прес-конференција, додавајќи дека „за два месеци е изграден консензус за да се направи реалниот невиден план за економско закрепнување“.

Ангела Меркел рече дека се чувствува „големо олеснување по тешките преговори“ и додаде дека Европа сепак покажа дека „може да дејствува заедно“.

„Тоа е важен сигнал што е над Европа. Тоа е одговор на најголемата криза со која се соочи Унијата уште од своето основање“, рече германскиот канцелар.

Шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека станува збор за „голема работа за Европа“ и ја нарече „вистински план за Маршал“.

„Имаме договор и добар договор! ЕУ никогаш не сакаше да инвестира толку амбициозно во иднина со буџет (2021-2027) од 1.074 милијарди евра и фонд за економско закрепнување од 750 милијарди евра“, рече белгискиот премиер Софи Вилмс.

На самитот, кој започна во петок, беше постигнат договор по „битката“ меѓу четворката која ја сочинуваат Холандија, Данска, Шведска и Австрија, од една страна, и Франција и Германија, од друга кои предложија план за економско закрепнување од 750 милијарди евра.

Од тие 750 милијарди евра, 390 милијарди евра ќе бидат наменети за субвенции за земјите кои се најпогодени од пандемијата на коронавирус, а тоа ќе биде заедничкиот долг на ЕУ.

Клучен проблем во текот на четирите дена на самитот беше тоа што земјите од богатиот север на ЕУ, особено „четворката“, се спротивставија на принципот дека помошта најчесто се испраќа во форма на подароци кои не се враќаат, а не заеми.

А.Н.