Фото: Depositphotos - teamtime

„Монтенегро ерлајнс“ (МА) го оствари својот последен лет денес по 26 години постоење. Имено, околу 11,20 часот, за последен пат од аеродромот во Тиват полета најмладиот од трите ембраери E-195, авион со регистрација на 4O-AOC.

Популарниот „Чарли“, како што го нарекуваа во „Монтенегро ерлајнс“, беше стациониран во Тиват, од каде што леташе кон Белград секој ден во изминатите месеци од почетокот на зимската сезона на ИАТА, пренесува „Вијести“.

Денес тој полета за Подгорица, каде што ќе слета со остатокот од возниот парк на црногорската национална авиокомпанија, во која денес беше и официјално покренат банкрот.

Летот што траеше помалку од 15 минути од Тиват до Подгорица беше навистина последниот извршен од авион во боите на „МА“, а за таа прилика тој не носеше ниту вообичаен знак за повик на претходната црногорска национална компанија „YM“ со број на лет, туку посебна ознака “MGX TNX“ како што беше напишано на страницата за следење на авиоособраќајот www.flightradar24.com.

Имено, MGX е кратенката со која „МА“ е регистриран во Меѓународната организација за воздушен транспорт (IATA), а TNX е кратенка за зборот „благодарам“ на англиски јазик.

Авионот бил придружуван со т.н. „воден лак“ од противпожарни возила на аеродромот Тиват. Црногорската национална авиокомпанија работеше 26 години, од кои сообраќаше повеќе од 23 години.

Црногорската влада во четвртокот објави дека поради европските правила и домашните закони за државна помош, тие не можат повеќе да плаќаат ниту едно евро на компанијата, а еден од моделите преку кој ќе биде изгасната е неизбежен банкрот, што може да го побара кој било од десетиците доверители. А.Р.