Велика Британија е првата европска земја што започна со масовна вакцинација против коронавирусот, а првите пациенти, претежно постари лица, ја прифатија вакцинацијата со ентузијазам. Д-р Хари Шукла е меѓу првите стотина пациенти кои биле вакцинирани во Њукасл. Тој вели дека тоа било привилегија за него.

„Горд сум што имав привилегија да учествувам во оваа исклучително важна активност. Не го земам тоа здраво за готово затоа што стотици луѓе работеа на оваа вакцина дење и ноќе за да обезбедат вакцина и да спасат животи “, рече Шукла, пренесува „Би-Би-Си“.

Овој пациент е роден во Уганда и дошол во Велика Британија во 1974 година. Тој беше директор на една организација што ја промовираше расната еднаквост, Советот за расна еднаквост „Тајн и Вер“ и за својата посветена работа беше награден со титулата херој на градот Њукасл.

Тој сакаше да го искористи својот статус во заедницата за да им пренесе на другите дека вакцината е безбедна.

„Многу е важно да ја примите, сè е одлично, начинот на кој се произведува, целата работа што е направена, ова е најдобрата вакцина што ќе ја примите“, додаде Шукла.

98-годишниот Џек Вокс боледува од рак и веќе пет недели е во болница. Наскоро оди дома.

Како прв пациент кој бил вакциниран во Бристол, Вокс вели дека бил многу возбуден.

Бидејќи е жив, рече тој, сега се надева дека ќе може почесто да ги гледа членовите на семејството, вклучително и внуците.

„Се надевам дека до средината на следната година ќе живееме нормално “, рече Вокс.

Првата пациентка што ја прими вакцината на Фајзер е 91-годишната Маргарет Кинан, која рече дека тоа е нејзиниот најдобар ран роденденски подарок, а она на што најмногу се радува е фактот дека по повеќемесечна дистанца сега ќе може да поминува време со своите најблиски.

И 96-годишниот Обри Бас со нетрпение очекува да помине време со своето семејство наскоро.

„Беше многу тажно да се биде сам“, рече тој, додавајќи дека 2020 година е најлошата година во неговиот живот.

Здравствените работници ширум Велика Британија исто така беа меѓу приоритетните групи вклучени во програмата за масовно вакцинирање против корона вирусот.

Медицинската сестра Џоана Слоун (28) вели дека е горда што е првата личност во Северна Ирска што примила вакцината на Фајзер.

„Се чини дека ова е последната пречка за да се заштитам себеси и сите околу мене“, изјави таа за „Би-Би-Си“.

Таа сака нејзиното семејство, особено нејзината петгодишна ќерка, да се гордее со неа.

Мик Њуел, техничар од операционата сала во болницата Салфорд Ројал, кој беше заразен со корона вирусот на почетокот на оваа година, се сеќава на престојот во болница како прилично шокантно искуство. Колегите од одделот за интензивна нега се грижеа за него девет дена. Што се однесува до вакцинацијата, тој смета дека тоа е светло на крајот од тунелот. А.Р.