Фото- gettyimages

Родителите ширум светот од вчера се вклучени поактивно во контрола на своите деца  и нивниот пристап до социјалните мрежи. Причината за ова не беше воопшто наивна. Имено, Интерпол испрати предупредување до бројни министерства за внатрешни работи дека за 3 март е објавено масовно самоубиство на млади на социјалната мрежа ТикТок, а по што и министерот Сапосовски апелираше на поголема внимателност.

Во апелот на Спасовски  се наведува дека повикот првенствено се однесувал на локалната група „ТикТок“ во Русија и Израел, но дека и покрај тоа е потребна максимална претпазливост за да се спречат какви било негативни последици.

Според руските медиуми, нечиј болен предизвик што ги повикува децата на самоубиство, за среќа, не „дал резултат“. Вчера беше забележан само еден обид за самоубиство кај децата во областа Санкт Петербург. Властите сметаат дека конкретниот случај нема никаква врска со болниот предизвик на социјалните мрежи, а истрагата е во тек

Медиумите наведуваат дека девојчето (13) завршило во болница откако се обидело да си го одземе животот. Не е прецизирано како девојчето се обидело да си наштети, но посочуваат дека завршила со плакнење на стомакот.

Како започна сето тоа?

Во последниве денови, сè повеќе родители во Русија добија предупредување од училиштата дека на ТикТок се појавија видеа во кои се повикуваат децата да извршат масовно самоубиство на 3 март. Во Москва, соопштението дојде од властите во Министерството за образование и наука, кои апелираа до сите родители да го следат однесувањето и движењата на нивните деца во наредните денови.

– Ве молам, разговарајте со децата на оваа тема. Да им кажете дека ги сакате и дека тие значат нешто за вас. Само со грижа и љубов можеме да ги заштитиме нашите деца од оние кои сакаат да манипулираат со нивните чувства – беше наведено во изјавите.

Руските медиуми јавуваат дека првите сомнителни снимки се појавиле на оваа социјална мрежа на 24 февруари. Според Николај Макаренко, заменик-шеф на Федералната служба за надзор на комуникациите, до 22 часот на 25 февруари, спорното видео имало повеќе од 430 000 прегледи, пренесува Би-Би-Си.

Властите веднаш реагираа и ТикТок започна да блокира ваков тип на содржина на својата платформа.

Сепак, Ирина Јароваја, заменик портпарол на Државната дума, рече дека мерките преземени од Роскомнадзор (Федерална служба за надзор на комуникациите, информатичката технологија и масовните медиуми) не се доволни. Таа побара да ги пронајде лицата одговорни за дистрибуција на снимката во која се повикува на масовно самоубиство.

– Потребна ни е координирана акција на државните служби, имајќи предвид дека дистрибуцијата на содржини е добро испланирана – посочи Јароваја.

Обвинителството веднаш реагираше и нареди истрага со цел да се преземат сите мерки и да се откријат сторителите.

Од „ТикТок“, пак, соопштија дека ја отстраниле предметната содржина и ќе продолжат да ги следат и отстрануваат снимките што ги кршат правилата на платформата и промовираат и поддржуваат самоубиство.

– Ги отстранивме и ќе продолжиме да ги отстрануваме видеата поврзани со самоубиството – објави ТикТок.

Во исто време, блокирани  се и хаштагови кои беа користени при дистрибуција на ваква содржина, потенцираат од компанијата.

Патем, на крајот на февруари, Роскомнадзор откри и блокираше повеќе од 400 000 видеа кои повикуваат на самоубиство само на социјалната мрежа ТикТок.

Деца убиени пред „предизвик“
Да потсетиме, во некои земји имаше забрана за пристап до ТикТок за корисниците чија возраст не може дефинитивно да се докаже. На ова, меѓу другото, и претходеше и ужасната смрт на една девојка од Палермо, која се задуши на крајот на јануари, бидејќи, очигледно, учествувала во една од „предизвиците“-игри на мрежите. Девојчето е пронајдено во бањата со појас околу вратот врзан за радијатор, итно била пренесена во болница, но немало спас.

А.Н.