Некој ја мери среќата со пари некој со книги, некој со музика. А јас… Јас утрово извадив мускулно конче меѓу четворката и петката од горната вилица. Неверојатно е како останало таму цела ноќ! Но, не сум почнал да јадам во сон, па имало среќа мускулното влакно да преноќи во органот кој служи за јадење, лажење , пеење и пиење.
Од претходната вечер почнав да го гледам кртот со други очи. Тоа мало животинче, асоцијација за поткопување, поткажување, слепило и сл, не е само цар за тунелите во кои живее. За мене кртот е цар на животните. Ми стана симбол на животинче кое знае и подарок да избере. Ми подари кртот вчера, младо прасечко, печено на голем оган, во соседна Србија. Знае кртот каде печат највкусна и крцкава „млада прасетина“. Многу пати после јадење на овој обичен српски селски ручек, сум размислувал како успеваат да ја подготват (испечат) и да биде неверојатно вкусна? И поразлична е од домашната. Причината ја најдов во уредното сечење. Не велам дека не е до квалитетот на месото: трчкање на прасето низ зелена трева три пати дневно; и до стручноста во колењето, шурењето, солењето, врзувањето, наколувањето и печењето. Ама вистинското сечење го пренесува секој сантиметар, секој грам од печеното до сетилата во органот за јадење (лажење, пеење, пиење).
Уште повеќе, за верник во храната (како мене) сечењето може да го погоди и времето на сечење, печење, купување, и сл. Имено ако добиете правилно исечени парчиња кои личат на турска баклава по форма, значи дека во вистинско време е купена порцијата: ви се паѓаат ребренца, подребра и тенка печена корка – чипс. (Како мојата порција) Ако месото е порастурено и во парчињата има поголеми снопови мускулно месо, значи при крај е со прасечкото и го фаќате последниот воз. Ако не може да разберете со поглед во порцијата какво месо ви донеле, значи дека се присобрани остатоци од печењето.
И сето ова громогласно воспевање на печеното не ќе беше важно да не е поврзано со уште еден детал од понадицата: Краљевачки кајмак. Тука паднав на испитот за правилна исхрана и нејадење доцна навечер. Не можев да одолеам на предизвикот. Намачкав парче баварски леб (диетален нели) и гризев од прасечкото во транс. Веднаш потоа заспав како бебе. И ете утринава , мускулново влакно во забиве ме наведе да ја споделам приказнава со вас. Среќа што сум заспал на време и сега имам што да дојадам за појадок. Прасечкото е убаво и наутро. Добро утро.