Вработените во германскиот јавен сектор денес се во штрајк, така што во многу градови не постои јавен превоз, градинките се затворени, а на аеродромите во Франкфурт, Минхен, Келн и Бремен поради штрајкот на персоналот летовите доцнат, а стотици се целосно откажани.

На штрајк повика германскиот синдикатот Верди (Ver.di), кој наведува дека здравата германската економија обезбедува рекордни даночни приходи, поради што вработените во јавниот сектор заслужуваат дел.

Верди бара месечен пораст на платите од шест проценти или најмалку 200 евра за околу 2,3 милиони вработени во јавниот сектор.

„Со масовно ширење на штрајкот оваа недела испраќаме јасни сигнали до работодавачот“, рече шефот на синдикатот Френк Зирске, пренесува „Дојче веле“, додавајќи дека работодавачот се пред се локалните власти, но и федералната држава.

Во многу градови погоден е и градскиот сообраќај, во многу се затворени градинките, а во помала мера се погодени јавната администрација, болниците, бродскиот сообраќај, комуналните претпријатија, и синџирот јавни банки „Шпаркасе“, кој има повеќе клиенти од сите други банки заедно.

Како што пренесе „Дојче веле“, преговорите на локалните власти и државата со синдикатите продолжуваат, а од среда јавнните служби во Германија ќе функционираат повеќе или помалку нормално, но не е исклучено дека од следната недела да се стапи во генерален штрајк доколку синдикатите не се задоволни од предложениот компромис.