Организацијата Балканска Водна Мрежа ги презентираше наодите од Трошковната анализа на цената на менструални производи за потребата на средношколките на територија на град Скопје, според кои месечно секоја средношколка просечно издвојува 420 денари, што е значителен дел од месечните расходи и може да се смета за финансиско бреме, особено за семејства со повеќе жени во репродуктивен период, како и со семејства со ниски приходи. Оваа анализа се спроведе во рамки на иницијативата „Борбата против менструалната сиромаштија – неостварено изборно ветување, спроведувана од Балканска Водна Мрежа во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС)“. Целта на иницијативата е да ја мониторира отчетноста и реализацијата на изборното ветување на ДОМ за искоренување на менструалната сиромаштија, беше посочено на денешната прес-конференција.

Од анкетирани 328 средношколки од пет средни училишта, како и со анализа на трошоците за различните типови менструални производи, заклучено е и дека Град Скопје за потребите на сите средношколки треба да издвојува 1.091.808 евра годишно, односно за менструални производи за 13.314 ученички тоа се 5.591.880 денари или 90.984 евра месечно. Влошките за повеќекратна употреба биле идентификувани како најсоодветна опција со намалени трошоци во долгорочен поглед. Проценката е дека користењето на влошките за повеќекратна употреба би ги намалило месечните трошоци за менструални производи за повеќе од 94 % во споредба со употребата на стандардни производи.

-Вложувањето во повеќекратно употребливи менструални производи, како што е менструалната чашка се покажа како една од најефективните начини за намалување на трошоците на долг рок. Според анализата, употребата на менструалната чашка може да го намали месечниот трошок за менструални производи за 93% и да се допринесе за значителна заштита на животната средина преку намалување на отпадот од еднократни производи, изјави Александра Радевска, проектна координаторка.

Таа додаде дека од трошковната анализа се заклучило дека пристапот до достапни и економски прифатливи менструални производи е критичен за обезбедување на менструална правда и спречување на менструалната сиромаштија.

Врз основа на резултатите од анализата, Балканска Водна Мрежа даде и низа препораки како:
-Градот Скопје и релевантните институции да разгледаат и прифатат мерки за обезбедување на бесплатни или субвенционирани менструални производи за жените и девојките со ниски приходи;
-Образовните институции да обезбедат образование и свесност за менструалното здравје и алтернативните опции за менструални производи, со фокус на младите девојки;
-Инвестирање во истражување и развој на економски прифатливи и еколошки одржливи алтернативни производи за менструација да биде поддржано и стимулирано;
-Невладините организации и заедницата треба да продолжат со подигање на свесноста и за менструалната правда, со фокус на социјално-економски ранливи групи.

Била увидена и потребата од информирање и едукација во рамки на дебатите со ученички кои не знаат за иницијативата, темите како менструална сиромаштија и менструална хигиена им се непознати, па и табу, алтернативните решенија се познати само за многу мал дел, а не се запознаени ниту со можностите за мониторирање на отчетноста на институциите.

Како што беше посочено, Балканска Водна Мрежа во рамки на проектот од 1 февруари до 15 јуни процесот на отчетност и спроведување на изборното ветување го следи и преку мониторинг матрица, а резултатите добиени на месечно ниво може да се најдат ТУКА.
Целосната трошковна анализа е достапна на сајтот на организацијата ТУКА.

Од Балканската Водна Мрежа воедно посочија дека ќе продолжат да ја мониторират транспарентноста на трошоците за менструални производи и да се борат за подобрување на менструалната правда во нашата заедница. С.Х.