Во среда, 23 јуни, со почеток од 20 часот, во киносалата на Кинотеката на Република С.Македонија ќе се одржи македонската премиера на филмот СИТЕ ПРОТИВ СИТЕ (Vse protiv vse) – словенечко-македонско-хрватска копродукција.

Со проекцијата на последниот игран филм од режисерот Андреј Кошак, Словенечката амбасада во Скопје ја одбележува и 30 годишнината од независноста на Република Словенија.

По сценарио на Андреј Кошак, кој воедно е и режисер на филмот, овој политички трилер третира теми како што се: изборните измами, распаѓањето на моралните вредности и корупцијата на општеството… Градоначалникот на Ровте, гратче во подножјето на Алпите, се наоѓа пред пораз на престојните локални избори. За да си обезбеди уште еден мандат, тој бара помош од озлогласен криминалец. Во четирите денови до датумот за избори – сè може да се случи.

Овој филм доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република С Македонија – преку продукцијата „MIND Production“ и продуцентите Илија Циривири и Дејан Илиев. Исто така, македонски „влог“ во филмот се и актерите Благој Веселинов и Милан Тоциновски, како и монтажерот Мартин Иванов.

Филмот на Кошак само во првата половина на 2021 освои дузина награди на разни филмски фестивали: Europa Film Festival, 2021 (Награда на жирито за најдобар игран филм); NIFF – Noida International Film Festival, 2021 (Најдобра камера); Indian World Film Festival, 2021 (Најдобар филм); FINDECOIN – Independent International Short & Feature Film Festival, 2021 (Најдобар наративен филм), ADIFF – Actor & Director Awards International Film Festival, 2021 (Најдобра режија); Teknochat Fantastic Film Festival, 2021 (Најдобар игран филм); Festival Internacional de Cine de Bayamón, 2021 (Најдобар игран филм)…

Режисерот Андреј Кошак (1965, Љубљана) ѝ е добро познат на македонската културна јавност, па и пошироко на балканските простори. Студирал на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, а долги години бил соработник и на РТВ Словенија како режисер на повеќе од 500 проекти, видеа и реклами, вклучувајќи ги и емисиите „Видесопон“, „Студио Сити“, итн. Неговиот игран филм АУТСАЈДЕР (Outsider, 1997) за панк-сцената во Љубљана во 1980-тите години, е еден од најгледаните словенечки филмови на сите времиња. На сценариото за филмот ЗУЕЊЕ ВО ГЛАВАТА (Zvenenje v glavi, 2002) со Петар Арсовски во една од улогите, работеше и Дејан Дуковски, а во претпоследниот негов филм, комедијата ШОК-СОСТОЈБА (Stanje šoka, 2011) учествува и македонската продукција „Вертиго“ од Скопје.

Словенечката амбасада во РС Македонија – ја овозможува оваа проекција за македонската публика – по повод одбележувањето на 30-годишнината од осамостојувањето на Република Словенија.

Пред проекцијата на публиката ќе ѝ се обрати Н.Е. амбасадорот Милан Предан, а потоа и режисерот на филмот Андреј Кошак.

Кинотеката и Словенечката амбасада ќе соработуваат на уште неколку заеднички проекти до крајот на годината, поврзани со словенечката кинематографија, документарни филмови за словенечката рок-сцена, како и гостување на видни словенечки филммејкери во Кинотеката во рамките на филмската програма.

Проекцијата на СИТЕ ПРОТИВ СИТЕ ќе се одржи во летното кино на Кинотеката, а влезот е бесплатен. Филмот ќе се прикаже со македонски и англиски титли.

Доколку временските услови не дозволуваат следење на филмот на отворено, проекцијата ќе се одржи во киносалата на Кинотеката со ограничен број на гледачи.