Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва во јавно обраќање ги извести граѓаните дека прогласува вонредна состојба во земјава во траење до 30 дена поради состојбата со корона вирусот.

-Пред малку ја потпишав одлуката за прогласување на вонредна состојба не територијата на цела држава. Денеска попладне Владата упати барање до Собранието, кое според Уставот е прво надлежно за прогласување на вонредна состојба, но Талат Џафери го упати тој акт кај мене, бидејќи Собранието е распуштено. По рокот од 30 дена очекувам Владата да ми поднесе детален извештај за дотогаш преземените мерки, ефектите од нив и предлог за евентуално продолжување на вонредната состојба. Фактот што прв пат прогласуваме вонредна состојба укажува на тоа колку е сложена ситуацијата и колку е голем ризикот – рече Пендаровски во вечерашното вонредно обраќањето до јавноста.

Како што посочи претседателот состојбата со коронавирусот значително ги оптовари ресурсите, со големи штети за фирмите и Владата мора да им понуди помош и поддршка.

За прв пат од независноста се прогласува вонредна состојба во државата, а како што остакна претседателот Пендаровски тоа укажува колку е сложена ситуацијата и колку е голем ризикот.

-Очекувам Владата на Република Северна Македонија која што во претстојниот период ќе ја има најголемата одговорност, да биде на висина на задачата и на искушенијата кои ги носи актуелниот политички и историски момент, а надлежните институции дневно да информираат за сите активности. Лидерите на најголемите политички партии и на власт и во опозиција, даваат поддршка за прогласување на вонредна состојба – истакна претседателот Пендаровски.

Тој истанка дека за воведување на вонредна состојба има поддршка од партиските лидери и оти владата ќе биде и понатаму техничка што е можност на дело да покажеме дека кога станува збор за ваква опасност сите политички партии ќе работат заеднички за здравјето на луѓето. Изборите предвидени за 12 април ќе се одложат, а ќе се закажат кога ќе се создадат услови за тоа.

Претседателот Пендаровски им порача на македонските државјани кои се нашле во друга држава дека е најпаметно да останат каде што се, а оние сепак решиле да се вратат дома се добредојдени, но ќе мора да ги почитуваат мерките и да бидат во карантин. А.Р.