Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски денес ја престави  Методологијата за подготовка, организација и спроведување на пописот кој ќе се одржи во април. Методологијата е јавна, ја има на интернет страницата на ДЗС, може да се види тука.

Во пописот ќе учествуваат Државниот завод за статистика, Совет за статистика, 50 комисии за пописни реони, 150 државни инструктори, 500 реонски инструктори и 5.500 попишувачи. Како што посочи Симовски, основната цел на пописот ќе биде да се утврди бројот на населението и неговиот територијален распоред и  да се добијат податоци за географски, демографски, виталните, образовните, економските, миграциските и другите белези на населението.

Според Методологијата во пописот на население, околу она што најмногу ја интересираше јавноста во изминатиот период, се опфaќаат вкупното резидентно и вкупното нерезидентно население кои ја сочинуваат категоријата „Вкупно попишано население“:

1.„Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица-единици на Попис, и тоа:

– Лицата државјани со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Северна Македонија;

– Лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија подолго од 12 месеци (една година), со одобрение за постојан или за привремен престој;

– Лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини државјани, а во времето на Пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив;

– Лицата што имаат место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, а кои во времето на Пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на домаќинствата што привремено престојуваат во странство со наведените лица (независно од должината на престојот во странство по некој од наведените основи).

Освен овие лица, во Вкупно резидентно население спаѓаат и следните лица ако се континуирано присутни во земјата повеќе од 12 месеци:

– Странците со признат статус на бегалец што ќе се најдат во Република Северна Македонија во времето на Пописот;

– Странците со признато право на азил поради супсидијарна заштита, кои во времето на Пописот се нашле во Република Северна Македонија;

– Странците со поднесено барање за признавање право на азил што се нашле во Република Северна Македонија во времето на Пописот;

– Други лица што ќе се најдат на територијата на Република Северна Македонија во време на Пописот (а кои ги исполнуваат претходно дефинираните критериуми).

  1. „Вкупно нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица-единици на Попис, и тоа:

– Лицата државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив;

– Лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија до 12 месеци (помалку од една година), со одобрение за привремен престој.

Со Пописот се опфаќаат сите домаќинства (согласно со дефиницијата за домаќинства) на лицата-единици на Пописот. Со Пописот се опфаќаат и колективните домаќинства (составени од лица кои живеат во установи за трајно згрижување на деца и возрасни, во манастири, домови и слично).

Со Пописот се опфаќаат сите станови во земјата, наменети за живеење, без оглед дали се користат за постојано или повремено живеење (за одмор и рекреација, сезонски работи) или се ненаселени станови. Со Пописот се опфаќаат и сите други видови простории или објекти кои не се станови во смисла на дефиницијата за стан, но за време на Пописот се користат за живеење (други населени простории, населени деловни простории, импровизирани живеалишта и колективни живеалишта).

Со Пописот се опфаќаат и колективните станови (домови и хотели за самци, домови за пензионери, стари и изнемоштени лица, студентски домови, манастирски конаци и сл.).

Во овој попис ќе се користи комбинира метод на попишување. Прибирањето на податоците на терен ќе го вршат овластени попишувачи со интервју „лице в лице“ и со запишување на податоците во електронска форма на лаптоп. За секој пописен круг се назначува најмалку еден попишувач во зависност од специфичностите на пописниот круг и од етничката структура на населението. Во претходните пописи на населението, домаќинствата и становите (спроведени на територијата на денешна Република Северна Македонија), се користеше традиционалниот метод на попишување по пат на интервју на хартиени обрасци.

Со Пописот нема да се опфатат следните лица:

– дипломатскиот персонал на странските дипломатско-конзуларни претставништва во Република Северна Македонија, како и членовите на нивните семејства;

– странскиот воен персонал и членовите на нивните семејства, лоцирани во Република Северна Македонија, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и заедници кои во моментот на Пописот престојуваат во Република Северна Македонија;

– странските државјани кои во времето на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија поради службен пат, приватна посета, годишен одмор, лекување, екскурзија, туристички и слични патувања;

– странските државјани што поради работа или школување дневно ја поминуваат државнaта граница.

Со пописот нема да се опфатат:

– становите на дипломатско-конзуларните претставници на странски земји и становите во сопственост на други држави;

– ненаселените (празните) станови кои се иселени поради нивно рушење;

– празните станови во зградите во кои сѐ уште не е дозволено вселување;

– објектите кои во целост се користат за сместување на земјоделски орудија и алати, земјоделски производи, огрев и сл., или се користат за преработка на земјоделски производи.

– колективните станови во кои не живее ниту едно идивидуално домаќинство (домови и хотели за самци, домови за стари лица, студентски домови, манастирски конаци и сл.)

Пописот треба да се спроведе од 1-ви до 21 април годинава.

За лицата што сакаат да учествуваат на пописот, а се во странство, ќе има последно апликативно решение на страницата на Заводот, а како што посочи Симовски бидејќи не е сигурно дека информацијата за пописот ќе стигне до сите, постои можност за лице во странство лица кои најдобро ги познаваат да дадат податоци, нагласувајќи дека не може да се даваат некомплетни податоци бидејќи паликацијата не го прифаќа одговорот. Симовски апелираше да не се даваат лажни податоци посочувајќи дека сите податоци се проверливи преку споредба со други бази на податоци (ФЗО, МВР…).

Следната недела ќе бидат добиени сите протоколи за попишување на лицата со Ковид-19, кои ќе бидат добиени од министерството за здравство, додаде Симовски.

Во врска со безбедноста од напади на системот на кој ќе се спроведе пописот за нерезидентните граѓани, Симески рече дека апликацијата за тие во странство е готова и ќе биде во функција од први март, дека е максимално безбедна и ниту едно лице во Македонија не може да се вклучи во неа.

Запрашан што во случај да дојде во тивок бојкот на населението, дали ќе бидат релевантни тие податоци, тој изјави дека одбивање на учеството ќе биде на штета на граѓаните и податоците имаат исклучтелно голема употребна вредност, и развојна функција на општеството.

Во однос на стравот од заболување со оглед на Ковид состојбата, Симовски рече дека со оглед дека пописот ќе се одвива во април, можно е пописот да се одржи и надвор од становите, на отворено. А.Р.