Издавачката куќа „Готен“ организира претставување и разговор со хрватската писателка Ена Катарина Халер. Настанот ќе се одржи во конференциската сала на хотелот „Дрим“, во сабота (27 август) со почеток во 14:30. Настанот е дел од книжевната резиденција на Ена Катарина Халер во Македонија, реализирана во август.

Ена Катарина Хелер е родена 1996 година во Осиек. Завршила природно-математичка гимназија во Осиек, а освен што се занимава со пишување работи и како архитект.

Првата книга, романот „На дофат“, ја објавува во 2019 година. Романот ги добива наградите „Ксавер Шандор Гјалски“ и „Иван и Јосип Козарац“ за најдобро прозно дело во 2020 година, а беше и финалист за наградите „Т-портал“ и „Фран Галовиќ“. Во 2022 година романот излезе во превод на македонски јазик на Сашо Огненовски, а во издание на „ПНВ Публикации“. Освен со пишување, Халер пишува и книжевни критики.

Според преведувачот на романот, Сашо Огненовски, „при читањето на ‘На дофат’ повремено го губите здивот, ве нафрлува лесна констернација и ве наведува да се преиспитате каде се вашите неодговорени прашања и како е изграден системот на бавно и мазхоистичко ронење на човечкиот дух. Оваа семејна приказна започнува со флешбек и завршува таму – во едно трагање по почвата од која изникнало семејството на шумарот Иво и неговите четири деца (две машки и две женски): една совршено библиска констелација што се разлева во чудесно страдање и егзодус на целиот конгломерат жители коишто се бараат себеси, но наоѓаат само тага и жолч“.

Резиденцијалниот престој на Ена Катарина Халер во Скопје е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.