Фото: Profimedia/Philip FONG/AFP

Меѓународната заедница денес го осуди воениот удар во Мјанмар, откако тамошната армија прогласи вонредна состојба рано утрово, уапси владини претставници и ја презеде власта.

Власта беше предадена на врховниот командант на вооружените сили, генерал Мин Аунг Хлаинг. Војската потврди дека се уапсени високи претставници на Националната лига за демократија (НЛД), вклучително и Аунг Сан Су Чи, добитничка на Нобеловата награда за мир и лидер на партијата, која оствари убедлива победа на изборите во ноември, и дека вонредната состојба се прогласува за целата година.

Причината за воведување на вонредна состојба е наводната измама на минатогодишните општи избори во Мјанмар.

Обединетите нации го осудија воениот удар и ја повикаа армијата да ги ослободи уапсените лидери во земјата, вклучително и Су Чи.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека настаните во Мјанмар претставуваат „сериозен удар врз спроведените демократски реформи“ и побара од сите лидери да се воздржат од насилство и да ги почитуваат човековите права. САД, Австралија и Сингапур изразија ужаснување поради военото прогласување вонредна состојба и апсењата за кои армијата тврди дека биле извршени поради „изборна измама“.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џозеф Бајден бил информиран за апсењата.

„САД се спротивставуваат на секој обид да се смени резултатот од неодамнешните избори или да се попречи демократската транзиција во Мјанмар и ќе ги преземат сите мерки против одговорните за овие настани доколку не се промени ситуацијата“, изјави портпаролката Џен Псаки.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска ја осуди воената интервенција и преземањето на власта во Мјанмар и побара да бидат ослободени сите кои беа приведени од армијата во рациите низ целата земја.

– Резултатот од изборите мора да се почитува и треба да се обнови демократскиот процес – нагласи тој.

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, исто така, го осуди пучот во Мјанмар денес.

-Аунг Сан Су Чи и другите цивилни водачи мора да бидат ослободени – рече тој.

Џонсон додаде дека „притворањето на цивили е недозволиво“, вклучително и на премиерката Су Чи.

-Гласот на народот мора да се почитува и да се ослободат цивилите – заклучи Џонсон.

И британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб ја осуди вонредната состојба воведена од армијата во Мјанмар.

„Демократските желби на луѓето во Мјанмар мора да се почитуваат и двете страни мора да се помират“, порача Раб на Твитер. А.Р.