Многу е тешко да се направи вакцина за рекордно време за да се запре ширењето на пандемијата. Но, што ако тогаш треба да напишете упатства за секоја доза на португалски, грчки, естонски, хрватски и други официјални јазици на Европската унија?

Производителите на лекови бараат од Европската унија да го ублажи правилото дека секој лек што се продава таму мора да има комплетна документација на 24 јазици затоа што се грижат дека може да го загрози брзото доставување на стотици милиони дози од вакцината.

„Потребен ни е договор со властите на ЕУ за јазикот што треба да се користи на пакувањето и етикетите на вакцините“, рече Мајкл Стофел, раководител на регулаторни работи во „Vaccines Europe“, која ги претставува големите производители како што се „Глаксо Смит Клајн“, „Санофи“ и „Астра Зенека“.

Стофел рече дека индустријата „врши притисок“ врз европските регулатори да изберат еден јазик за сите 27 земји кога станува збор за пакувањето, етикетите и упатствата за вакцината.

Европската комисија вети во јуни дека привремено ќе ги релаксира правилата, но предлогот сè уште не се најде на дневниот ред.

Еден официјален претставник на ЕУ рече дека размислува да печати информации на ограничен број јазици, а на другите јазици да ги направи достапни на Интернет. Фармацевтите сметаат дека на етикетите ќе има простор за најмногу две верзии.

Организациите за заштита на потрошувачи велат дека изоставувањето на кој било јазик може да им наштети на пациентите, особено на оние кои не се навикнати да бараат на Интернет.

„Итноста во производството на вакцини не може да биде изговор за производителите да ги заобиколат правата на потрошувачите“, вели Моник Гојен од БЕУЦ, претставник на најголемите европски организации на потрошувачи. А.Р.