Пар очила од индискиот политичар и активист за човекови права Махатма Ганди беа продадени за скоро 300 илјади евра (260 000 фунти), откако беа пронајдени како делумно ѕиркаат од поштенското сандаче на аукциската куќа.

Очилата беа продадени на американски колекционер за време на телефонска аукција во петокот, по шест минути наддавање.

Ендрју Стов од аукциската куќа „Ист Бристол аукции“ рече дека станува збор за нов рекорд и го опиша како „продажба на векот“.

Проценетата вредност на продажбата била околу 15,000 фунти.

Стов вели дека продавачот на очилата е постар човек кој живее во британскиот град Манготсфилд, и кој рече дека парите ќе ги подели со својата ќерка.

Очилата на Ганди се пренесувани во семејството од генерација на генерација, уште од 20-тите години на минатиот век, кога предците го запознале Ганди во Јужна Африка.

„Тоа е феноменална продажба. Тоа не е само уште една лицитација, туку и откритие од меѓународно и историско значење “, вели Стов.

Очилата беа оставени во сандачето на аукциската куќа во обичен бел плик во петокот вечерта. Аукционерите не ги забележале до понеделник наутро.

„Можеа лесно да паднат од таму или да бидат украдени, дури можеа да завршат во ѓубре“, раскажува Стов.

Тој вели дека сопственикот немал идеја колку вредат, и дека тој „скоро доживеал срцев удар“ кога му било кажано дека биле проценети на 15.000 фунти.

„Педесет години, очилата претежно лежеа во фиока. Продавачот буквално ми рече да ги фрлам ако не се добри. Сега за нив тој доби сума што го менува животот“. А.Н.