Во 2008 година во Република Македонија беше донесен Владиниот проект за трето дете, со кој се превидуваше паричен надоместок за сите мајки кои ќе родат второ, трето и четврто дете.

„Сите мајки кои ќе родат второ, трето и четврто дете, не поврзано со територијата на која живеат и на која е родено детето, имаат право на таков родителски додаток на деца“, во тоа време изјави м-р Југослав Миленковиќ, портпарол на Уставен суд.

За уставните судии дискриминирачки беше децата и мајките кои живеат во општините со повисок наталитет, да не добиваат паричен надоместок.

Законот тогаш гласеше: „Мајките кои ќе родат второ дете, ќе имаат право на детски додаток во висина од 5.000 денари во траење од девет месеци. Десет години по 8.250 денари ќе добиваат мајките со трето живородено дете, а за четвртото предвидени се 11.500 денари во период од 15 години.“

Овој закон многумина го прифатија со одушевување и како излез од домашната криза, особено во семејства каде родителите на двете деца не работеа, а паричниот надомест им доаѓаше како еден вид минимален редовен месечен приход на кој можеа да сметаат.

Со овој закон се одеше на варијанта на проширување на семејството. На прв поглед е добар и помагателен, а од друга страна е крајно потценувачки и дискриминаторски. И задира во кршење на правата на жената. Со тоа како да се фрлаше во сенка мајчинскиот инстинкт, и желбата на жената да стане мајка по сопствено убедување, можност и одлука.

Да се регулира со закон правото на мајчинство е и гротескно. Секоја жена природно е да посакува да стане мајка, и тоа на што повеќе деца, но некои не можат да  родат, а некои да ги одгледуваат од здравствени причини, некои од финансиски, некои од несредени односи, лоши услови во семејството и слично.

Во векот во кој живееме на ваков начин да се планира, и убедува жената да роди повеќе деца, е ретроградно, и укажува на голем регрес во начинот на живеење. А притоа живееме во земја со најниски примања, со семејства заглавени во кредити, невработени членови, кои едвај крпат крај со крај.

За да биде иронијата на овој дискриминаторски проект уште поголем, Владата преку субвенции за музика неколку години поддржуваше жанр за песни за многудетно семејство, сметајќи дека на таков начин ќе го стимулира наталитетот, што е уште една дискриминација, и од страна на државата и од страна на пејачите и авторите кои реализираа такви песни. И тие песни наидоа на потсмев кај јавноста.

Европскиот експерт по човекови права, господинот Омар Фасатуи, Директор за човекови права во УНХЦР во Тунис вели:

– Слободата да се избере бројот на деца што ќе ги роди жената е загарантирана од CEDAW (The Convention on the Elimination of all Forms of Discrimination Against Women). Во  член 12 од CEDAW е јасно напишано дека жената има право на слободен избор за мајчинство, за раѓање и одгледување на деца и планирање на семејството.

Ана Никогосијан, од Јереван, Ерменија е регионален член на Советодавната група за граѓанско општество при ООН, Претседателка на Одборот на Фрида-феминистички фонд на млади, извршен директор во општеството без насилство, а своето образование по родови студии, сексуалност и култура го стекнала на Универзитетот во Манчестер, а за човекови права и демократија на Универзитетот во Кавказ. Таа  дава поопрецизен и поопширен коментар на оваа тема:

– Ако државата со своите механизми се меша во одлуката колку деца една жена треба да роди – тоа е прекршување на незиното право. Постои голема разлика помеѓу сугестија и принудување, но и двата случаи се страшни. Кога е тоа на сила и со законска регулатива, тоа е сериозна повреда на правото, и треба да постојат санкции. Но, тешко е да се казни државата. На пример, не можеме да одиме на Европскиот суд за правдата бидејќи државата сугерира, а не принудува. Единствено што треба да се направи во таков случај е контра- кампања. Значи, може да се каже дека државата нема и не треба да има никаква врска со бројот на деца во семејството. Ние ваков случај во Ерменија не сме имале, подвлекува Ана, која нагласува дека само анти-кампања на активисти е спас во ваква ситуација.

Како познавач на домашните прилики Наташа Доковска Спировска, од  „Новинари за човекови права” дава поконкретен и адресиран одговор на ова прашање, кое го врзува не само со социјалната тематика, ами и со политиката на тогашната власт. Таа вели:

-Популистичката политика на ВМРО Дпмне во изминатите десеттина години на владеење, изврши невиден притисок и загрозување на правата на граѓаните, што извираше од сите нејзини агли. Тоа се случуваше и со нивните популистички мерки за трето и четврто дете што се компензираше со затворање на жената дома, бидејќи реално таа нема да може ни финансиски да излезе на крај доколку плаќа градинка за сите деца. Дома таа се справува со нив, го одржува домаќинството за што државата и плаќа, обезбедувајќи и плата и надоместок за трето, четврто дете. Нормално доколку е дома, нема контакт со реалниот свет и ја става во една подредена ситуација. Но, и покрај тоа што имаше фамилии кои тргнаа по тој совет, прашање е колку денеска од нив ги добиваат субвенциите од државата?! Колку што знам останаа изиграни и голем дел од семејствата не ги добиваат предвидените субвенции. Држава и наталитет не се стимулира на тој начин. А, тоа дека давале субвенции и на пејачи не знаев, прв пат слушам и ова е уште еден доказ дека ги користеле сите алатки за да се извлечат пари од буџетот за нечии други цели, нагласува Доковска.

Нелогичностите во земјава, поврзани со мешањето во правото на жената на мајчинство, завршија со завршувањето на овој проект и треба да послужи како пример во иднина да се градат демократски, а не дискриминаторски и форсирачки политики кон жената.

(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)