Овој четврток (8-ми јули) во Кинотеката на Република Северна Македонија, во летното кино „Мирно лето“, во 20.30 часот, со проекција на концертот „Јосипа Лисац from Croatia Records Studio“ – „…ту у мојој души станујеш…“, продолжува циклусот Концерти во Кинотека со Croatia Records, кои оваа национална установа ги реализира во соработка со најголемата дискографска куќа во регионот, „Croatia Records“.

Додека животот во време на светска пандемија пополека се враќа во нормала, а концертната сезона полека заживува, Кинотеката и „Croatia Records“ им подаруваат на скопјани, и на сите кои ова лето го поминуваат во градот, нешто проверено, убаво и ексклузивно.

Програмата стартуваше на 1 јули со концертот на Влатко Стефановски во Лисински, а секој следен четврток во овој јули ќе биде прикажан по еден концерт од богатата BLU RAY програма на дискографскиот гигант – концерти кои, според сензибилитетот, одговараат на местото и на времето.

Концертот на Јосипа во „Croatia Records Studio“ – „…ту у мојој души станујеш…“, несомнено претставува врвно аудио-визуелно остварување, што се потврдува и со податокот дека освен на CD и Blu Ray диск, овој концерт беше објавен и на винил.

На концертот во студио, без публика, Јосипа испеа 12 песни – од култната „Богиња“, до легендарната „Магла“, вклучувајќи ги и: „О једној младости“, „Док размишљам о нама“, „Данас сам луда“, Хир, хир, хир“, Гдје Дунав љуби небо“… Сè на сè,со вкупно времетраење од 84:55 минути.

И овој концерт големата дива му го посвети на нејзиниот легендарен сопруг Карло Метикош.

Концертот беше реализиран во студиото на „Croatia Records“ во Загреб на 30 октомври 2018 г, во придружба на музичарите: Тони Старешиниќ (клавијатури), Борна Шерцар (тапани), Давор Чрнигој (бас гитара) и Јосип Грах (труба и хармоника).

– „Јосипа Лисац е сонувач кој сонува со очи ширум отворени, и е непоправлив идеалист и визионер. Со нејзиниот волшебен глас, таа е рамо до рамо со светските музички великани Едит Пјаф и Фреди Меркјури…„ – пишува во белешката за концертот.

Техничката екипа која работеше на снимката, објавена на ова Blu Ray издание на „Croatia Records“, кој овој четврток ќе биде прикажано во рамките на циклусот „Концерти во Кинотека…“, ја сочинуваа:

Сниматели: Марко Зељковиќ, Ивица Врањиќ, Петар Милиќ, Доналд Једвај, Дарио Лепоглавец и Марко Урбиќ

Директор на фотографија: Петар Милиќ

Разговорот со Јосипа го водеше Милан Мајеровиќ Стилиновиќ

Режисер: Марко Зељковиќ

Снимање, микс, мастеринг и продукција: Горан Мартинац – Croatia Records studio

Blu Ray authoring: Марио Календариќ

Фотографии: Горан Беровиќ

Ликовно обликување: Ана Лукетин Фахренвалд

Уредник на изданието: Клаудија Чулар

за Croatia Records: Желимир Бабогредац

Доколку на 8-ми јули временските услови не дозволуваат проекцијата да се одржи во летното кино на Кинотека, истата ќе се одржи во киносалата, а влезницата е повеќе од симболична – 100 денари. Стартот на проекцијата е во 20.30 часот.

Посетителите на овој настан ќе имаат прилика да се запознаат и со најновите изданија на „Croatia Records“, на штандот на „Zec Electronic“, дистрибутер за Македонија.