Зад нашиот автор застана францускиот продуцент Жером Блесон, чиј филм „The Lamb of God“ годинава беше на Канскиот фестивал

Сунчица Уневска

Младиот Ханис Багашов, кој има само 20 години, се чини со секој свој проект ја освојува Европа и добива сè повеќе признанија. Секоја земја би била среќна да има таков талентиран млад автор и, секако, дека би го поддржала и би му дала крилја, бидејќи тој е на пат да стане интернационален автор, што е исклучително важно, прво за него, а потоа и за земјата, чии меѓународни успеси можат да се избројат на прстите од едната рака. Освен тоа, Македонија има можност на примерот на Ханис Багашов, да застане зад еден таков млад надежен и прекрасен автор, кој може да и донесе многу признанија, а на кого токму сега, во оваа фаза и му треба поддршката на својата земја. За земјата тоа треба да биде гордост, бидејќи проектите на Багашов успеваат во огромна интернационална конкуренција, што е вредно и неверојатно значајно, и зад него веќе застануваат големи продуценти кои умеат тоа да го препознаат. Но, не и нашата сирота Македонија, заглавена и буквално киднапирана од криминалците во земјава во секое поле, па така и во филмот.

Овде имате една група автори која од Агенцијата за филм ги имала и ќе ги има сите привилегии, иако толку малку испорачала. Но, затоа никој друг не може таму да се пробие, освен оние кои умеат да играат по правилата и да не им ја загрозат нивната позиција. Жално и јадно, но тоа е и слика на нашата земја, која во сè страда токму од потпросечни луѓе, кои нивните позиции за ништо на светов нема да ги загубат. Но, во земја во која владее криминалот, тие успеваат, а другите си заминуваат. Колку разочарувачки!!!

Но, да се вратиме на Ханис Багашов, чија биографија веќе станува толку голема и значајна да не можете да доброите. Најважно е дека од фестивалот во Берлин, каде што Багашов беше примен во програмата „Берлинале талентс“, зад него застана многу важен француски продуцент, Жером Блесон, кој работи со некои од најзначајните европски филмски автори, а е продуцент и на годинешниот филм „The Lamb of God“ кој влезе во официјалната натпреварувачка селекција на Канскиот фестивал. Интересно е дека Жером се заинтересира за Ханис и за неговите проекти уште во Берлин, каде што неговиот дебитантски долгометражен проект „Аиша“ влезе меѓу 16 селектирани проекти на програмата LIM (Less is more), избрани од дури 450 пријавени проекти. Уште тогаш Багашов се обрати до Агенцијата за филм за поддршка, онаа иста Агенција која на фестивалот „Браќа Манаки“ се фалеше дека станала партнер на ЛИМ во поглед на поддршката на млади таленти. Но, Багашов беше одбиен во барањето да го поддржат токму во оваа програма, каде што за развој на филмот „Аиша“ се предвидени три работилници, но Агенцијата го одби со образложение (како што веќе пишувавме) дека нема високо образование. Да не ви се верува, колку некој може ниско да падне, само за да ги оправда своите небулозни постапки.

Но, затоа Багашов во Европа сè повеќе е признаен како млад талент и добива се повеќе признанија и поддршка. Нормално, бидејќи талентот не се мери со диплома, која на многумина кои ја водат и добиваат поддршка од Агенцијата, всушност, и им недостасува. Но, во Македонија е сè можно, како што е можно и Агенцијата веќе четири месеци да се остави без директор и како што е можно да се водат цело време заткулисни игри кој да го замени „фамозниот“ Горјан Тозија, кој направи толкава штета и незаконски работи, но секако, на негово место треба да дојде некој со кого истите криминали ќе си продолжат. А тоа, и покрај објавениот конкурс за директор на Агенцијата, во нашава земја го знаат и врапчињата…

Кадар од филмот „Скакулци“, чие сценарио му ја донесе првата награда на Ханис Багашов на „European Short Pitch“

Успехот на Ханис Багашов, како што секако препозна и продуцентот Жером Блесон, продолжува. Со краткометражниот проект „Скакулци“, за кој Багашов беше одбиен од Агенцијата за филм, влезе во селекција на „European Short Pitch“ – паневропска иницијатива на Ниси Маса за поддршка на млади таленти во областа на кратките филмови, и тоа избран меѓу 12 проекти од пријавени 160. По тримесечните подготовки и работа на сценариото на овој филм, за кое имаше и неколку сесии со Антонио Пјаца, италијански режисер, исто така, наградуван во Кан, стигна до копродукцискиот форум што се одржа во ноември во Франција во соработка со Филмскиот фестивал во Брест. На овој форум беа доделени две награди за проект во развој, што ги додели регионот Бретања во Франција, а триумфот му припадна токму на Ханис Багашов, кој ја доби првата награда во износ од 2.000 евра за својот краток филм „Скакулци“, кој зборува за копнежот, за отуѓеноста и за недозволената љубов. Жирито за неговото сценарио ќе рече: „Многу сме трогнати од односот на двајцата протагонисти во приказната, и од поетскиот и сензитивен пристап на авторот кон нив“. И, само да кажеме, дека учеството на „European Short Pitch“ во износ од 600 евра го плати Жером Блесон.

Наградата за Багашов, која ја доделува регионот Бретања

Така што „Скакулци“ веќе се развива како француско-македонска копродукција меѓу „Блер афер продакшн“ на Жером Блесон и „ОХО продукција“, застапувана од Илија Тирицовски. А веќе се знае дека Блесон застана и зад долгометражниот филм „Аиша“ на Ханис Багашов, чие учество на осуммесечната програма на LIM за развој на проектот, не беше поддржано од Агенцијата за филм, па ниту од Медиа дескот во Македонија, туку за оваа програма и трите предвидени работилници Багашов доби стипендија од МЕДИА Брисел и Le GroupeOuest. Засега долгометражниот проект има само француска продукција, зад која секако стои La Belle Affaire Productions.

Краткиот игран филм „Мишко“ отиде на 70 фестивали, а премиерата ја имаше на Сараевскиот фестивал

Инаку, само да потсетиме дека Багашов направи огромен успех уште со својот краток игран филм „Мишко“, направен во 2018 во независна продукција. И иако во него се вклучија и професионални работници и актери, тоа е филм направен со мали средства и никој нема добиено хонорар, но „Мишко“ отиде на 70 фестивали, премиерата ја имаше на Сараевскиот филмски фестивал, освои бројни награди и му го овозможи учеството на „Берлинале талентс“. Сето тоа, тогаш 17-годишниот Багашов го изоде сам, за сега да успее да и ја предаде дистрибуцијата на белгиската компанија „Радиатор“, со што филмот стана достапен и на „Амазон“, и тоа на подрачјето на Америка и Велика Британија. И само да кажеме дека тоа не е сè кога станува збор за Багашов, тој е студент по режија на Филмската академија во Софија, а успешно се занимава и со фотографија, самостојна изложба имаше во Музејот на современа уметност во Скопје, а има учествувано и на 20 меѓународни изложби.

„Mis(s)ing Dog“ („Изгубени“) на Антонио Велјаноски неодамна и на „Сохо Филм Фест“ во Њујорк понесе две номинации, за најдобар филм и главна машка улога

И сето тоа Агенцијата за филм, ниту го препознава, ниту го признава, ниту го поддржува. Но, затоа партијата на власт не може лесно да го замени Горјан Тозија, па веќе со месеци траат преговорите за тоа кој е најдобро да го замени. Во меѓувреме има и други млади автори кои имаа извонредни успеси со нивните кратки филмови, но овде се постојано одбивани на конкурсите на Агенцијата, како Игор Христов, на пример, чија биографија е исто така импресивна, но по сè изгледа ќе се врати во Софија каде што и студираше. Потоа, младиот Антонио Велјановски, чиј филм „Mis(s)ing Dog“ („Изгубени“) отиде на повеќе фестивали, а неодамна и на „Сохо Филм Фест“ во Њујорк, каде што имаше две номинации, во светската компетиција за најдобар краток филм и за најдобар актер, за легендарниот чешки актер, Јан Качер. Но, и тој, како и многу други останува да живее и работи во Чешка, бидејќи овде претходните успеси не значат ништо. Така е и со Сезер Салихи, кој има мастер за филм, два пати добивано стипендии за студии надвор, а овде од 2015 не може да добие филм. Има уште многу примери, но за кого е тоа важно, овде Агенцијата за филм и филмската индустрија се во заложништво на една група луѓе од која тешко може да се ослободиме, со оглед на тоа што ова сè повеќе станува слика за целата оваа кутра земја во којашто живееме.