Во Културно-информативниот центар-Скопје, синоќа, 10 април 2018, беше промовирана стихозбирката „Жена“ од Катерина Грозданова. Промотор на книгата и рецензент беше нејзиниот брачен другар Борче Грозданов, стихови читаше актерката Весна Стојановска Николовска, додека вокалот Добрила Грашеска запеа стари македонски песни.

– Секој напишан збор во мојава најнова збирка поезија има во себе оставено дел од мојата духовна растрепереност пренесена од мојата рака. Тоа е одраз на внатрешната, длабока поврзаност со секоја од нив. Во стиховите на „Жена“ е втиснат секој мој трепет, како печат. Сакав, и ги нареков „моите“ жени. Ги знам низ годините, секакви, а за тоа придонела заемната размена низ нашите дни. Сакав, и мислам дека конечно постигнав мир, со мојот внатрешен немир, кој ме тиштеше долги години, вели авторката за својата најнова книга.
Катерина Грозданова е родена во Прилеп и по професија е економист. Досега има објавено неколку книги. Нејзино прво дело е „На попатнина кон Дома…“, поетска проза објавена во 2015 година. Во 2016 година ги објави расказите „Трпеза“, а третата книга ја подели со својот сопруг Борче Грозданов со наслов „Љубов-Патешествие“. Нејзиниот дел е „Љубов“. Оваа книга излезе од печат во 2017 година.