Промоција на ДВД изданието на пет дигитално реставрирани македонски играни филмови ќе се одржи на 12 март (четврток), со почеток во 19 часот, во киносалата на Кинотеката

Се работи за филмовите ТРИ АНИ (1959) на Бранко Бауер, ЖЕД (1971) на Димитрие Османли, МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ (1971) на Ватрослав Мимица, ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА) (1973) на Коле Ангеловски и ХАЈ-ФАЈ (1987) на Владимир Блажевски. 

Филмовите во ова ДВД издание хронолошки се реализирани во распон од 28 години. За разлика од претходните ДВД изданија на дигитално реставрираните филмови од целокупниот опус на авторите (браќата Манаки, Арсениј Јовков, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Кирил Ценевски), изборот на филмови кои се дигитално реставрирани, како дел од културното наследство, беше резултат на меѓународната соработка на Кинотеката на С. Македонија со други филмски архиви од некогашна Југославија.

Тематските преокупации во сите овие пет филма, за жал, можат да се заокружат низ„широчината“ во тегобноста присутна во нив. Кај Бауер во ТРИ АНИ тоа е тегобноста на егзистенцијата по смртта на чедото; кај Османли во ЖЕД тегобноста, парадоксално но вистиното, се огледува како во водената површина што ја нема, во безизлезноста на малото зафрлено место „на пола пат за никаде“; кај Мимица во МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ тегобноста во окупираното село од страна на фашистичката војска е просто опиплива како пластелин; кај Ангеловски во ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА) тегобноста е внатре во душата на главните карактери; кај Блажевски во ХАЈ-ФАЈ тегобноста е во заробениот ум…

На промоцијата ќе бидат авторите Коле Ангеловски и Владимир Блажевски.

На 12 март (четврток), во 20:00 ч. ќе биде прикажан МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ, на 13 март (петок), од 18:00 ч. ќе биде прикажан ТРИ АНИ, а од 20:00 ч. ХАЈ-ФАЈ. На програмата на 14 март (сабота), од 18:00 ч. е ЖЕД, а од 20:00 ч. ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА). А.Р.