На 2.6.2021 (среда), со почеток во 17 часот, во мултимедијалниот простор „Кафе и филм Котур“ ќе се одржи промоција на книгата „Глупости“ од Катерина Димитровска.

-„Глупости“ е шашава психо-сликовница, интроспективно фрик шоу што лесно ја вшмукува реалноста, ја натопува со цревни сокови, киселина и бесмисла и ни ја враќа како повраќаниците на дебелиот господин во Монти Пајтон. Обилно и во лице. Љубовно писмо до празнината? Можеби. Но, фантазмагорична како сликите на Дали и делумно морничава како мрачните визии на Линч. Ментална анархија, игрива и забегана, нихилистички презрива, без обзири кон хигиена или смисла, еротизирана до болка и смрдеа кои перверзно те вовлекуваат во нејзиниот чудесен имагинариум. Страна по страна. Сепак, ова може да е и тивко, топло и спокојно патување низ интимните делови на едно себство ослободено од драмата на модерниот субјект опседнат со светската болка како нужна актуелност – вели Давид Ангеловски.

Катерина Димитровска е мајка на кафеав гремлин, пејачка во етно-фолк ансамблот „Перија“ (негувателка на корења, кои потоа немилосрдно се искорнати, смачкани, измешани со сè и сешто и обарени), валкано дете, кое има слабост кон контејнери и неостварена писателка. Ве молиме прочитајте ја за да се оствари. Ваквото остварување ќе биде заборавено во некој момент, кога сонцето ќе ја испржи планетата Земја, а и многу порано, но до тогаш, нејзината суета нека биде обложена со окциња, кои панично се движат лево-десно.

Катерина Димитровска е човек, и не само човек, по малку и животно, како и секој друг просечен човек. Таа понекогаш се дере на улици и пред микрофони, а понекогаш и молчи. Никој ништо не знае и никој за ништо не може да биде сигурен. Таа можеби е крлеж, сепак е полна со крв.

Катерина Димитровска е тетка-дете. Тетката е закржлавена, детето искористува ситуација и растура наоколу. Тетката средува со едното закржлавено прсте. Така и настана книгава.

Книгата е четврто издание на независниот издавачки шатор АШ. Настанот ќе се одвива на отворено, согласно пропишаните Ковид мерки за безбедност и заштита на јавното здравје.