На 18 јануари (сабота) во 19 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоцијата на новата книга за филмот на Сунчица Уневска, насловена „Македонска сага“. Со оглед на тоа што оваа книга е целосно посветена на македонскиот филм создаван во периодот од 1993 па сè денес, промоцијата ќе започне со еден колаж на исечоци од македонските филмови, потсетувајќи нè на насловите што ги одбележаа изминатите триесет години.

Како што веќе се знае, „Македонска сага“ се осврнува на т.н. современ македонски филм односно македонска независна кинематографија, тргнувајќи од „Македонска сага“ (1993) на Бранко Гапо па сè до „Втора шанса“ (2019) на Марија Џиџева и освен филмски рецензии, содржи и избор на новинарски текстови и коментари на Сунчица Уневска пишувани исто така во овој период, а со кои на свој начин се доловува контекстот и времето во кое тие филмови се создавале, како и сето она што во тоа време нив ги обележало.

Промотори на книгата се филмската критичарка Гена Теодосиевска и новинарот Емил Крстевски. Книгата е во издание на „Аквариус“, а веќе може да се најде во книжарниците низ градот, и тоа: во „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, во „Или-Или“, во „Матица македонска“ и во книжарницата на Кинотеката на Македонија (спроти гимназијата „Никола Карев“). Додека, видео-клипчето со инсертите од македонските филмови, кое е придружен дел на промоцијата, го подготви Кинотеката на Македонија.