Денеска во 20 часот во „Кафе Ли“ ќе се одржи промоција на новата, двојазична сликовница за деца „Професорот Зоо и неговите пријатели“ од авторот Смиле Цветановски, а во издание на издавачката куќа  „Стрип квадрат“.

Приказната за професорот Зоо е така замислена, што ги води децата на егзотично патување низ различни краишта во светот, а наедно ги запознава и  со животните, и тоа преку римувани стихови, користејќи ги познатите стереотипи за нив. Pr_ZOO_03Така, на пример, змијата кобра игра на звук од зурла, пандата јаде трска од бамбус, фоката жонглира со топка во циркус, папагалот Ара зборува, бувот ноќе е буден, пингвинот гази по снег и сака во вода, верверичката собира лешници во есен… Навидум познати работи кои авторот на суптилен начин ги врежува во меморијата како слика која засекогаш ќе  остане во сеќавање.

Стрип-авторот, графички дизајнер и илустратор, Смиле Цветановски, со текст и колор-цртежи раскажува за патешествијата на професорот Зоо, прилагодувајќи го тоа на возраста на децата, а при тоа нудејќи и многу сознанија на еден лесен и приемлив начин. Кратките песни се напишани на македонски и преведени на француски јазик, што за децата дополнително овозможува, покрај средбата со симпатичните ‘ѕверки’, да се запознаат и со еден странски јазик. Преводот на сликовницата е направен од долгогодишната професорка на катедрата за француски јазик и лекторка, Жана Ангеловска.