четврток, април 25, 2024
домаПромоција на романот „Солзите на сестра ми“ од Лилјана Зашова во Охрид

Промоција на романот „Солзите на сестра ми“ од Лилјана Зашова во Охрид

Во среда, 4 август во Охрид во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи промоција на романот „Солзите на сестра ми“ од Лилјана Зашова. Овој настан ќе се одржи во Големиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 12.00 часот.

Посвојувањето деца е тема која, речиси, секогаш е придружена со дилеми, желби, страдања, надежи, очекувања.  Романот „Солзите на сестра ми“ од Зашова, во издание на „Академски печат“ нуди на прочит  токму таква приказна.

Промотори на романот ќе бидат: писателот и драматург д-р Сашко Насев кој е и рецензент на книгата и м-р Милчо Јованоски, новинар и публицист, вработен во охридската библиотека.

Д-р Насев во рецензијата ќе рече: – Во македонската литература секогаш недостасувало таканареченото белетристичко „женско писмо“, односно романи и белетристика од писателки. Романот има брзо и динамично сиже. По својата иманентна структура припаѓа на оној вид литература кој е социјално и психолошки ангажирана…  Насев уште додава:  Јазикот е лапидарен и разбирлив. Реченицата на Зашова е кратка и јасна, а „политкоректноста“ на современиот израз дури го прави достапно ова книжевно дело до пошироката публика затоа што лесно се разбира, ненаметливо и шармантно делува како запис во некоја епистола или, според книжевните теории, текстот е раскажан од супериорен наратор – заклучува Насев во својата рецензија за романот на Лилјана Зашова.

Како сопруга на дипломат Зашова има поминато повеќе години во странство – Лион и Стразбур, Франција и Букурешт – Романија. Своето искуство во дипломатијата го има запишано во нејзиното прво дело „Убавото однесување“ кое досега доживеа две изданија.

Извадоци од романот ќе чита актерката Славица Спасова а на  промоцијата ќе говорат и Гордана Змејковска, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и авторката  Лилјана Зашова.

Ќе настапи и младата Христијана Матеска – хармоника од Охрид.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ