Корона вакцина Фото: Shutterstock / M-Foto

Се стравува дека стотици дози од вакцината против ковид-19 пропаднале откако се расипал замрзнувач во една англиска клиника. Клиниката во Нортхемптоншир чувала 975 дози од вакцината на „Фајзер“, која мора да се чува на минус 70 степени, пренесува „Дејли мејл“.

Клиниката функционира како централна зона за вакцинирање на избрани лица постари од 80 години. Некои пациенти ја примиле дозата во среда, 16 декември, но други требало да ја примат во четврток и петок на клиниката, која работела 12 часа на ден.

Но, во четвртокот, на пациентите им било кажано дека вакцината повеќе не е достапна. Не е јасно колку дози се изгубени.

Ова доаѓа откако поранешниот министер за здравство Џереми Хант предупреди дека достапните дози на вакцината на „Фајзер“ ќе бидат потрошени во јануари, а новата пратка треба да биде до март, што значи дека програмата за вакцинација може да биде запрена.

Портпарол на компанијата „Фајзер“ одговори дека новите пратки на вакцината ќе пристигнат пред март, „на почетокот на 2021 година“.

Повеќе од 140.000 Британци веќе ја примија вакцината „Фајзер/Бионтек“, откако беше одобрена во таа земја на почетокот на овој месец. А.Р.