Created with GIMP
Вечерва, со почеток од 20 часот во Галерија МКЦ ќе се отвори изложба на Марија Трајаноска насловена „Просторот во мене, јас – насекаде“.

„Сликите на Марија Трајаноска се експлозија од поставени прашања за нашето бивствување, нашата осаменост во целината, но и нашето присуство во празнината. Тие се лава што протекува од вулканот на внатрешниот пејзаж. Покрај овие величенствени предели на душевните панорами, јас сакам да ја истражам само фигурата. Таа за мене е клучот за тајната на мистичното сликарство на Марија… Пејзажи што се распрснуваат во апокалиптичната состојба на еден свет во исчезнување. Колку е убаво тоа испарување на поредокот на формите! Што е уметноста ако не громогласен шепот на длабока душа, која тихува во лудилото на стварноста? Оваа изложба е ехото на тој шепот“, вели Никола Пијанманов во освртот за изложбата.

Марија Трајаноска е родена на 29.8.1996 година во Кичево. Средно образованиe завршува во ОСУ „Мирко Милески“ – Кичево  со насока: Јазично- уметничко. Дипломира во 2019 на Факултетот за ликовни уметности  – Скопје, во класата на проф. м-р Антони Мазневски, со насока сликарство – отсек Конзервација и реставрација. Добитник е на студенстската наградата за инвентивни достигнувања во областа на сликарството „Борко Лазески“ во 2019.

Самостојни изложби: 2020, декември – Скопје, „Состојби“, Музеј на Град Скопје
Групни изложби:
2015 – Скопје, АМС „Млади уметници“, НГМ Мала станица
2018 – Њујорк, „Art 52nd Street“, интернационална групна изложба на млади уметници, Gallery MC
2019 – Скопје, „Четирите мајстори на модернизмот“, Галерија ФЛУ
2020 – Скопје, „Not your toy“, Ј.У. Дом на култура „КочоРацин“

Изложбата ќе трае до 18 октомври.