Не е најважна вест дека Кристен Стјуарт ги поддржала протестите за слобода на жените во Иран, туку нивниот одѕив

Наш специјален известувач Сунчица Уневска

Берлинале годинава го одбележаа протестите, дотолку што според многумина добија поголемо внимание од самите филмови. Но, факт е дека таква е ситуацијата во светот, а Берлин отсекогаш е познат како „политички фестивал“ односно како место кое нуди платформа за повикување на акција и за искажување на неправдата или барање правда. На тој начин малку како да го оправда отворањето на кое акцентот беше ставен само на поддршката на Украина и повиците за солидарност со украинскиот народ, сега Берлинале како да си се врати на старото и се покажа како вистинско место на протести, како фестивал кој го поддржува ангажираниот и независниот филм, како на платното, така и надвор од него.

Кристен и Фарахани на протестот за жените во Иран

Понекогаш, во целата таа пропаганда, навистина е интересно, па дури и смешно колку насекаде излегоа текстови со наслов дека американската актерка, Кристен Стјуарт, им се приклучила на протестите што бараат живот и слобода за жените во Иран. Овој протест доби големо внимание и на него се приклучија уште многу уметници, како и директорската двојка на Берлинале, Карло Катријан и Мариете Рисенбек, но со оглед на тоа што младата Стјуарт годинава е претседателка на главното официјално жири, тоа испадна главна вест, а се разбира дека не е. Протестите во Иран траат веќе шест месеци и тоа, како што сме истакнувале, се најважните протести што се случуваат во оваа земја по големата Исламска револуција на крајот на 1970-тите години. А и не само тоа, во Иран со години е затворен познатиот режисер Џафар Панахи, а сега и Мохамед Расулоф, односно сите оние кои ќе се дрзнат да проговорат и да ја критикуваат реалната состојба во земјата.

Кон сето ова се приклучи и Мајк Дауни, претседателот на Европската филмска академија и член на Меѓународната коалиција за филмски работници во ризик (група која ги застапува филмаџиите) и истакна дека притисокот што го врши меѓународната културна заедница навистина функционира, зборувајќи токму за Џафар Панахи и за тоа дека поддршката на европската филмска заедница поради штрајкот со глад на Панахи, доведе на 4 февруари до негово ослободување.

Дури и тоталитарното владеење го знае значењето на културата

Во таа смисла зборуваше и режисерот од Хонг Конг, Џони То, кој е член на годинешното жири и кој се смета за еден од најголемите филмаџии од оваа земја: „За мене киното отсекогаш било авангарда. Кога ќе се појави тоталитарно владеење, кога луѓето ги губат своите слободи, киното е прво на удар. Во повеќето случаи, културната продукција е насилно суспендирана, бидејќи киното директно зборува со публиката. Затоа диктаторите секогаш го таргетираат киното. Мислам дека Хонг Конг, поточно сите земји и народи кои се борат за слобода ширум светот треба да го поддржат киното, затоа што киното зборува во ваше име“.

Режисерот од Хонг Конг Џони То вели: „Киното секогаш било авангарда, затоа културата е прва суспендирана, затоа што зборува во наше име“
А освен протестот за поддршка на жените во Иран, во Берлин на црвениот килим испоседнаа и членовите на еколошката активистичка група, наречена „Последна генерација“, во обид да го свртат вниманието на климатската катастрофа која се насетува. Покрај нив транспаренти дигнаа и работниците на фестивалот, кои се ангажирани со договор на дело, меѓу кои оние кои во киносалите ги пречекуваат гостите и се грижат за редот и организацијата, барајќи поправедни плати…
Меѓутоа, да споменеме дека имаше и реакции од индустријата, имаше коментари дека сето тоа е претерано и дека некои филмаџии не се многу среќни поради таа отворена политизација на Берлинале, бидејќи, според нив, на тој начин фокусот се става на политичките пораки, а не на филмовите. Еден од ветераните кој сакаше да остане анонимен, изјави: „И јас ги поддржувам сите овие каузи, но Берлинале, пред сè, треба да биде филмски фестивал, а не еднонеделен политички протест“.

Филмови од Јемен и од Буркина Фасо

Како и да е, навистина е редно да се осврнеме малку и на филмовите. А годинава, иако фестивалската атмосфера баш и ја немаше, се појавија доста добри филмови и приказни од различни страни на светот, кои не само што нѝ ги откриваат тие светови, туку на многу интересен начин зборуваат за апсурдноста на настаните, кои колку што се лични, толку се и заеднички, одразувајќи ја на некој необичен начин состојбата во целиот денешен свет во која живееме, без оглед колку сме за тоа свесни или не.

Хероината Сира во Буркина Фасо, и покрај сè, нема да дозволи да биде жртва
Во Берлин за првпат имаше филм од Јемен, од југозападна Азија, имаше филм од Буркина Фасо, кој зборуваше за борбата со исламистичките терористи, имаше филм од североисточна Турција, од едно зафрелно курдско село… Каде можете на едно место да ги видите овие филмови, да останете потоа во преполните сали и да разговарате со авторите за состојбите за кои зборуваат, а кои имаат толку големо влијание на нивниот живот. Неверојатни се тие средби на фестивалите, неверојатни можности да слушнете за тие светови и на некој чуден начин, да станете свесни и за своето место во светот. Тоа е таа исклучителна привилегија што ја даваат овие фестивали, кои ве збогатуваат и кои сè уште, за разлика од некои земји, како што е нашата, знаат што значи филмската уметност, знаат што значи раскажувањето приказни, знаат каква може да биде нивната моќ и колкаво влијание може да има ангажираната уметност и негувањето на сопствената култура.

Во Јемен сиромаштијата убива повеќе од куршумите

Јеменскиот филм „The Burdened“ на Амр Гамал на прв поглед зборува за проблемот на едно семејство кога жената по четврти пат ќе остане трудна, нешто што тие во нивната сиромаштија не можат да си го дозволат. Проблем за нив било и третото дете, со оглед на тоа, како што рече Гамал, што филмот е инспириран од вистинска приказна и што станува збор за негов пријател, кој не го сакал ни тоа дете и постојано го нарекувал товар. Беше интересно што прво се наметна прашањето за тоа дали абортусот е дозволен во Јемен, бидејќи во обидот да се ослободат од четвртата бременост тие постојано наидуваат на пречки, па дури и нејзината пријателка-верничка одбива да го направи тој зафат. Но, работата е што тоа навистина не можат да си го дозволат.

Како што рече Амр Гамал во „The Burdened“ не станува збор за абортусот, туку за една лична одлука за преживување
Сето тоа се случува за време на граѓанската војна и како што рече авторот, дури и нервозно, тука не станува збор за абортусот и за тоа дали е дозволен или не, туку за една лична одлука за преживување. „Оваа дилема, како што објаснуваше, ја претставува целата јеменска криза. Сега имаме поголема популација, а немаме иднина. Во нашиот филм семејството мора да донесе тешка одлука, да го ‘жртвува’ новото бебе за да може да оди понатаму, но уште колку жртви треба да се направат поради војната“, праша Гамал, нагласувајќи дека сиромаштијата во неговата земја убива повеќе луѓе отколку куршумите. Нивната инспирација била да се зборува за жртвите и преживувањето. „Ние сè уште веруваме во тоа дека филмот е универзален јазик и дека тој јазик може да ни овозможи да ги пробиеме границите и директно да му се обратиме на светот“, зборуваше со голема возбуда Гамал.

Борбата на жените во Буркина Фасо за опстанок

Аполина Траоре, пак, беше исто така многу возбудена, но и среќна, што берлинската публика е првата која го гледаше нејзиниот филм, една неверојатна ода на борбата на жените во Буркина Фасо. Филмот е сместен во реонот Сахел, каде што има целосно беззаконие и каде што владеат исламистичките терористи кои поседуваат најмногу оружје. Филмот се вика „Сира“ според името на главната протагонистка, една силна и борбена жена, која патува со своето семејство низ пустината за да се омажи, но по патот ги напаѓаат терористите, мажите ги убиваат, а неа ја киднапираат, ја тепаат, силуваат и ја оставаат во пустината.

Но, Сира нема да се предаде, а приказната ќе се претвори во борба за опстанок, во филм кој станува феминистички контрапункт на актуелното известување од тој регион. Аполина Траоре раскажуваше дека и требале седум години за да го направи филмот, но како и на Гамал, за неа тоа е вистинска мисија за да проговори за состојбата во својата земја и во цел тој регион, каде што судбините на луѓето се толку кревки и несигурни, но нивниот отпор силен и достоинствен.

Кога паранојата ќе го помати умот

„In the Blind Spot“ сместен во едно курдско село, ќе го покаже целиот апсурд на предрасудите
А курдскиот филм „In the Blind Spot“ на Аише Полат беше уште посилен, бидејќи во себе успеа да опфати сè, и традициските или генерациски трауми, и сфаќањата, обичаите и културата на народот, и нивните судбини и сфаќања, и нивните надежи кои се кршат при првиот налет да се излезе од тој магичен круг, што невидливо, но вистински е исцртан околу нив. Фасцинантен филм за тоа што може да направат предрасудите, стравот, паранојата, верувањето во конспирацијата.
Во курдско село ќе пристигнат филмаџии кои сакаат да снимаат документарец за една стара жена, која повеќе од 20 години го повторува истиот ритуал, сакајќи да го задржи споменот за нејзиниот исчезнат син. Наеднаш ќе се разбудат духовите, злокобната организација која постојано е будна и следи сè што се прави, верувајќи секогаш во најлошото, ќе доведе до сосем бесмислени убиства, до страв што ќе ги премине границите, до таква параноја кога се губат границите. Филмот е направен на многу интересен начин, мешајќи го помалку реалното и надреалното, кога и седумгодишната Зафер ќе се претвори во закана.

Одлични филмови, фантастични прашања, судбини за кои не знаеме многу иако ги делиме состојбите, сфаќањата, болестите, стравовите, надежите. Бидејќи, пораката колку што ја испраќаат, толку умеат и да ја предизвикаат за во неа да се препознаеме и ние, како и тие. Берлинале завршува на 26 февруари со доделување на годинешните престижни „Мечки“.