Во средата вечерта неколку лица беа повредени во протести во Тирана со барање за оставка од министерот за внатрешни работи поради смртта на еден млад човек кој почина во болница откако првично беше повреден од полицијата. Десетици луѓе, вклучително и граѓански активисти, се собраа пред седиштето на албанското Министерство за внатрешни работи. Протестите беа придружени со судири меѓу демонстрантите и полицијата, а демонстрантите фрлаа предмети врз зградата на институцијата фрлајќи разни предмети.

Протестот потоа продолжи пред зградата на албанската влада, каде повторно избувнаа тензии и судири кога демонстрантите запалија и соборија големо дрво поставено по повод празниците. Исто така, демонстрантите фрлаа камења кон полицијата.

Демонстрантите фрлаа предмети и кон седиштето на албанската влада, пробија полициски обрач и се судрија со припадниците на безбедносните сили. Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите. Неколку лица беа повредени, вклучувајќи демонстранти и припадници на полицијата.

Во центарот на градот демонстрантите ги оштетија и украсите по повод новогодишните празници.

Претходно, членовите на Форумот за млади на Демократската партија на Албанија и активисти одржаа протест пред Кабинетот на премиерот на Албанија, и покрај мерките против ширењето на коронавирусот (КОВИД-19), со кои се забранети митинзи на кои присуствуваа повеќе од 10 лица на отворено.

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Сандер Лешај реагираше по повод смртта на младиот човек, пишувајќи на социјалните мрежи дека „овој настан погоди многу луѓе, роднини на жртвата, обични граѓани, припадници на полицијата, државата и сите други“.

Лешај ја истакна потребата од целосно разјаснување на околностите што доведоа до овој трагичен настан, додавајќи дека надлежните правни органи треба да ја извршат својата должност што е можно поскоро во интерес на вистината и правдата.

Инцидентот во кој почина 25-годишникот со иницијали К.Р. се случи по полноќ на 8 декември во Тирана, што се совпаѓа со времето на ограничување на движењето на граѓаните, а во врска со тоа беше уапсен полицаец.

Според официјалното соопштение на Службата за внатрешни работи и приговори на албанското Министерство за внатрешни работи, по повикот на полицијата да запре, младиот човек не го послушал полицискиот повик и се обидел да побегне, па полицијата тргнала во потрага по него. Наводно полициските службеници пронашле лице кое носело огнено оружје.

Еден од полицајците, откако не успеал да го фати лицето, со службено оружје отворил оган кон него, при што бил повреден 25-годишникот, кој потоа бил пренесен во болницата каде починал. Службата за внатрешни работи и жалби проценува дека постапките на полицискиот службеник се спротивни на стандардните процедури за употреба на огнено оружје.

Настанот предизвика реакции кај политичките партии, активистите од граѓанското општество и граѓаните. А.Н.