Терминот психотерапија е често пати погрешно разбран и злоупотребуван од многу луѓе. Често се верува дека секој разговор во меѓусебните контакти со луѓето, како разговор со роднина или пријател или колега на работното место е психотерапија. Други пак веруваат дека психотерапијата е резервирана за луѓето од високото општество и нивните каприци, а некои сметаат дека ако посетувате психотерапевт, тогаш нешто сериозно не е во ред со вас.

Психотерапијата претставува контакт на поединецот кој има одредена животна криза или потешкотија во секојдневното психолошко функционирање со професионално лице, терапевт. Овој контакт, претставува комуникација помеѓу нив преку повеќе средби и му помага на поединецот да помине низ еден процес на себе-осознавање, при што клиентот е во состојба да ги надмине своите потешкотии со тоа што ќе ги препознае сопствените механизми на одбрана.

Терапевтот потребно е да ве запознае добро и да ја запознае природата на вашиот проблем. Ќе ве праша што работите, каде живеете и со кого, и од каде мислите дека потекнува вашиот проблем. Психотерапијата е процес низ кој заедно поминувате, терапевтот ќе ве води низ процесот, меѓутоа клучен фактор за успешна терапија е вашата спремност да го надминете проблемот. Она што е централно е да се развие доверба и разбирање помеѓу вас и терапевтот, за да можете слободно да се изразувате и да се соочите со вашите потешкотии.

Видови на психотерапија

Постојат повеќе поделби на психотерапискиот пристап. Подолу ви претставуваме поделба според бројот на учесници во терапијата и според современите методи на психотерапија кои можете да ги сретнете.

Индивидуална терапија

Ова е основниот пристап, при што клиентот и терапевтот разговараат лице в лице за проблемите на клиентот.

Image result for psihoterapie

 Семејна терапија или терапија за брачни парови

Семејните терапии се однесуваат на поединечни разговори со членовите на семејството во однос на проблемот кој постои. Некои сесии се поединечни, некои во пар или со целото семејство. Овој пристап се користи кога одредено ментално здравје на некој или некои поединци во семејството влијаат врз динамиката и функционалноста на семејството. Терапискиот процес помага во подобрување на комуникацијата на членовите на семејството и подобрување на семејните релации.

 Групна терапија

При групна терапија, мала група на луѓе се состануваат редовно и дискутираат за своите индивидуални проблеми под водство на обучен терапевт. Овој пристап особено помага при потешкотии во социјалните контакти, особено кај млади луѓе.

 Методи на терапија

Терапевтот не е лимитиран на еден метод кој би го користел во работата со клиентот. Постојат различни методи и тие може да се комбинираат во различни пристапи, во зависност од личноста на терапевтот и неговиот стил, како и според потребите на клиентот.

 Гешталт терапија

Гешталт терапијата, за разлика од некои други терапии кои акцентот го ставаат на непознатото и несвесното, се заснова на принципот на свесност и  она што постои сега и овде. Преку контактот на терапевтот и клиентот, се поттикнува свесноста за сопственото постоење во моментот и за сопствените релации кон светот. Единствено со осознавање на она што доживуваме во моментот можеме целосно да се осознаеме себе си.

Image result for psihoterapie

 Психодрама

Овој пристап нуди флексибилност за учесниците на групната терапија во изразување на своите емоции и конфликти од секојдневните животните ситуациите со кои се соочуваат. При тоа поединецот ја “одигрува” сцена од својот живот (може да биде и сон, трауматски настан во животот или хипотетска ситуација) , а останатите учесници од групата помагаат со одигрување улоги од неговото сценарио. Улогата на терапевтот е да ја води драмата и да им помогне на учесниците да станат свесни за некои свои состојби кои се појавуваат.

 Бихејвиорална терапија

Бихејвиоралната терапија се заснова на пристапот на награда и казна во модифицирање на одредено мислење или однесување. Овој пристап се применува при методи на релаксација, стрес менаџмент, биофидбек и десензитивација при фобии. Бихејвиоралните терапевти им помагаат на своите клиенти да добијат повеќе задоволство во нивните активности, а да се одучат од однесувања кои придонесуваат или се резултат од нивните проблеми.

Когнитивна терапија

Овој пристап го идентификува и го подобрува мислењето кое води кон вознемирувачки мисли и однесувања. Се истражуваат верувањата и очекувањата на клиентот и се проучува како тие го моделираат искуството на поединецот. Ако верувањата и размислувањата се премногу ригидни, улогата на терапевтот е да ги уочи и ублажи овие уверувања кои штетат на менталното функционирање на клиентот.

 Психоанализа

Овој пристап помага на клиентот да има увид во себе, да ги открие и разбере емоционалните конфликти кои веројатно придонесуваат на емоционалните проблеми. Терапевтот му помага на клиентот да ги открие несвесните мотивации, нерешените проблеми од детството и раните шеми на однесување кои влијаат врз моменталните однесувања и доживувања. Овој процес е вообичаено долг и трае по неколку години.

Психотерапијата се препорачува во следниве ситуации:

  • Лесно се вознемирувате и постојано плачете
  • Лути сте на се и на секого без посебна причина
  • Не можете да спиете навечер или постојано имате потреба да спиете
  • Губите апетит или постојано имате потреба да јадете
  • Се чувствувате преплавени од долгорочното чувство на тага или беспомошност
  • Емоционалните потешкотии создаваат проблем во секојдневното функционирање
  • Имате проблеми во комуникација со луѓето
  • Имате постојани здравствени проблеми, но докторите не можат да утврдат физички промени кај вас