Во престрелка во централата на интернет сервисот Јутјуб (YouTube) во Сан Браун во Калифорнија синоќа беа повредени три лица и предизвикано панично бегство на луѓе од жена осомничена за напад со огнено оружје, која изврши самоубиство.

Агенцијата АП наведува дека жената која е осомничена за вооружениот напад во зградата на Јутјуб е 39-годишната Назим Агдам од Сан Диего. Медиумите во Калифорнија објавија дека жената се занимавала со вегански теми и дека била „лута“ поради наводна цензура на нејзините видеа на Јутјуб.

„Нема слобода на говорот во реалниот свет и ќе бидете забранети поради зборување на вистината, која не е поддржана од страна на системот“, навела таа претходно на интернет, пишува весникот „Сан Франциско кроникл“.

Четири лица, тројца од нив со прострелни рани, биле однесени во локалните болници, соопшти полицијата. Четвртото лице ја повредило ногата, објави агенцијата „Франс прес“.

Таткото на жената која е осомничена за вооружен напад врз три лица во седиштето на Јутјуб Исмаил Агдам рече дека таа била лута бидејќи компанијата престанала да и плаќа за видео снимките што ги ставала на интернет платформата, јави АП.

Тој додаде дека ја предупредил полицијата дека неговата ќерка Назим Агдам можеби ќе оди во зградата на Јутјуб, бидејќи, како што рекол, „ја мрази“ таа компанија. Тој навел дека го пријавил исчезнувањето на неговата ќерка во понеделникот, бидејќи таа не одговарала на телефонските повици два дена, објави АП.