Фото: Скирншот од социјални мрежи

Непознато лице отворило оган на Пермскиот државен универзитет во Урал во Русија, а според првите информации загинале осум лица, додека 19 се ранети. Непознато лице влегло на територијата на државниот универзитет Перм и отворило оган врз студенти и професори, објави Спутник.

Рускиот истражен комитет соопшти дека, според првичните информации, во нападот загинале осум лица, додека 19 се повредени.

“Утрово, припадниците на дежурната полиција добија соопштение дека на територијата на државниот универзитет Перм се слушале истрели. Според прелиминарните информации, има загинати и повредени … Полицајците го уапсија напаѓачот”, се вели во соопштението.

Што се однесува до напаѓачот, како што навеле во Рускиот истражен комитет, се работи за студент на овој универзитет. Тој бил повреден за време на апсењето, бидејќи активно се спротивставил на полицијата. Истрагата е во тек.

Според РИА Новости, утврден бил идентитетот на напаѓачот кој бил уапсен, а во моментов се проверува дали има соучесници.

Извор од полицијата за Тасс потврдил дека во инцидентот се повредени неколку лица. Според истиот извор, непознато лице влегло во зградата на Универзитетот и отворило оган. Некои ученици се забарикадирале во училниците, додека некои скокнале низ прозорците. А.Р.