Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот изјави дека сите руски вакцини против КОВИД-19 се ефикасни, додавајќи дека земјата наскоро ќе регистрира трета вакцина против вирусот, објави новинската агенција РИА.

Русија ја воведува својата вакцина Спутник V во домашна употреба, и покрај фактот дека испитувањата во доцните фази сè уште не се завршени, и во вторникот изјави дека тие се ефикасни повеќе од 90%, по претходните коментари на производителите на вакцини „Фајзер“ и „Бионтек“ кои го тврдат истото за својата вакцина против КОВИД-19.

“Веќе има две регистрирани вакцини. И студиите веќе покажаа и потврдија дека, прво, овие вакцини се безбедни и немаат сериозни несакани ефекти по употребата, и второ, сите се ефикасни”, рече Путин преку видео конференција на самитот на Шангајската организација за соработка (SCO).

Ефективноста на руската вакцина се заснова на собрани податоци за спроведената јавна вакцинација, а не на испитување кое сè уште трае.

Путин исто така рече дека Москва е подготвена да соработува за вакцините против коронавирус и се согласи со пакистанскиот премиер Имран Кан вакцините да бидат широко достапни за целото човештво, јави ТАСС.

„Предлагаме да не се политизираат овие процеси, имајќи предвид дека овие лекови им се потребни на луѓето ширум светот денес, без никакво претерување“, рече тој.

„Ние сме подготвени да работиме со сите земји во светот и, се разбира, со нашите партнери во рамките на СЦО.“

Русија во вторникот соопшти за 20.977 нови инфекции со коронавирус и 368 смртни случаи. Со над 1.800.000 заразени, земјата е петта во светот според вкупниот број случаи, зад САД, Индија, Бразил и Франција. А.Р.