„Концентрирај се, бабо“, за отворањето на фестивалот со Мира Бањац, Емир Хаџихафизбеговиќ, Јадранка Џокиќ

Пишува: Сунчица Уневска

Денеска се отвора 26. издание на Сараевскиот филмски фестивал (14 до 21 август), кое поради состојбата со коронавирусот за првпат ќе се одвива на онлајн платформата ondemand.sff.ba, достапна во регионот и во целиот свет. Тоа, сепак, не значи дека фестивалот нема да се отвори по сите „прописи“. Имено, организаторите подготвија сериозна програма, впрочем како и секоја година, па дури и дел од програмата ќе се прикажува во Мостар. Но, да се вратиме во Сараево, каде што вечерва е закажано отворањето, на кое прво ќе се обрати директорот на фестивалот, Мирсад Пуриватра, потоа свечената церемонија ќе ја води босанската актерка Белма Салкуниќ, а за стартот на програмата е резервиран повторно филм на Пјер Жалица, насловен „Концентрирај се, бабо“.

Пјер Жалица го отвори фестивалот и во 2003 година со филмот „Гори оган“ и во 2004 година со „Кај вујко Идриз“. Голем успех направи со своето играно деби, „Гори оган“, за кое го доби „Сребрениот леопард“ во Локарно, како и Европското специјално признание, но потоа овој успех не го повтори. Како и да е, Жалица има голема поддршка од Сараевскиот фестивал, кој е и продуцент на „Концентрирај се, бабо“, чија приказна е сместена во Сараево во 1992 година и во која играат: Мира Бањац, Емир Хаџихафизбеговиќ, Јадранка Џокиќ од Хрватска, која годинава е и во жирито и други.

Интересно е дека, иако фестивалот речиси целосно се префрлува онлајн поради растечките бројки на заболени од коронавирусот, сепак, има многу интересни гости, фасцинантни автори кои ќе одржат мастеркласи, но и голем број филмови што се борат за главната награда на фестивалот, „Срцето на Сараево“. Како што веќе известија од Сараевскиот фестивал, централно место за сите филмови, програми и содржини е платформата ondemand.sff.ba, која ќе биде достапна на различни територии и ќе биде  распоредена во пакети. Со други зборови, оваа година фестивалот може да го следи публиката во регионот и ширум светот, вклучувајќи се на оваа платформа на која има можност да си одбере пакет или филм и во живо да биде дел од годинешниот фестивал.

Во трка за наградите се дури 49 филма, распоредени во четири натпреварувачки програми, и тоа програма на играни филмови, на кратки, на документарни и на студентски. Во главната програма се вклучени осум играни филмови, а интересно е дека два се од грчки режисери, два од режисери од Косово, а по еден од Турција, Романија, Азербејџан и хрватско/швајцарски на познатата режисерка Андреа Штака. Македонија се јавува како копродуцент на филмот „Галаксија Андромеда“ на младата режисерка од Косово, Море Раца, на која ова и е деби, но со претходните три кратки филма освои бројни награди.

„Галаксија Андромеда“, како и нејзините кратки филмови, се занимава со социјално-економски прашања, ставајќи го во центарот односот меѓу таткото и ќерката. Филмот е во копродукција на Косово, Шпанија, Италија и Македонија преку „Минд продукција“ на Дејан Илиев, а фотографијата ја потпишува Дарио Секуловски. Овде, во главната програма уште би го спомнале „Егзил“, филмот на Висар Морина, кој годинава беше прикажан во програмата „Панорама“ во Берлин. Морина е познат по својот филм „Татко“, со кој освои многу награди, но и „Егзил“ претставува едно неверојатно остварување на тема животот на мигрантите во Германија.

Македонскиот филм „Ќе му се јавам на татко ти„
Македонскиот филм „Ќе му се јавам на татко ти„

Од Македонија годинава со свој филм во Сараево ќе се претстави единствено младиот Леон Ристов, чиј краток 12-минутен филм „Ќе му се јавам на татко ти“ е одбран да биде прикажан меѓу 10 филма во програмата „TeenArena“. Инаку, ова е негов втор краток филм, а Леон Ристов го паметиме по улогата во филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска. Прикажувањето во Сараево е негова светска премиера, што е навистина големо признание за Ристов. „Ќе му се јавам на татко ти“ е приказна за 16-годишниот Дамјан, кој ќе биде нападнат од насилници, а улогите во филмот ги играат: Александар Андоновски, Николина Кујача, Оливер Митковски, Стефанија Јовческа и Марио Мијатовиќ. Продукцијата е на Дејан Џолев.

Оваа година повторно имаме претставници и во програмата „Таленти Сараево“, каде што од 305 кандидати беа одбрани 62 учесници во програмата, која годинава носи наслов „Нови почетоци“. Така, меѓу кандидатите од 14 земји од вкупно 19, од Македонија се одбрани да учествуваат, Сара Атанасовска, во актерското студио и Сандра Јовановска, во делот за режисери.

На ова 26. издание на фестивалот, кој дефинитивно се развива со огромна брзина, Сараево ќе биде домаќин на доделувањето на наградата „Аудентиа“ за најдобра режисерка. Станува збор за награда што ја востановија Советот на Европа и фондот „Еуроимаж“ со цел промовирање на рамноправност на половите во европската филмска индустрија. Годинава наградата, која се состои од статуетка и 30.000 евра, се доделува петти пат, а претходно домаќини беа: Истанбул, Локарно, Торонто и Гетеборг. Тричлено жири ќе ја одбере добитничката од филмовите кои се во програмите на годинешниот Сараевски фестивал.

Најголемата скандинавска ѕвезда, актерот Медс Микелсен

Веќе пишувавме дека почесното „Срце на Сараево“ ќе го добие мексиканскиот режисер Мишел Франко. Но, сега е објавен и вториот добитник на оваа награда, а тоа е најголемата скандинавска ѕвезда, актерот Медс Микелсен. Инаку, Сараево оваа година организира пет мастеркласи што ќе се одржуваат онлајн, но кои ќе ги водат навистина исклучителни филмски уметници, и тоа: Мишел Франко, Медс Микелсен, францускиот режисер Мишел Хазанавициус, француската актерка Беренис Бежо и режисерот од Камбоџа, Рити Пан.

И на крајот да го кажеме жирито што годинава ќе одлучува за главната програма, а кое го предводи францускиот сценарист и режисер Мишел Хазанавициус, познат по црно-белиот нем филм „Уметник“, кој освои пет „Оскари“. Покрај него, во петчленото жири се и: новиот уметнички директор на Берлинале, Карло Катријан, српскиот режисер Срдан Голубовиќ, чиј филм „Татко“ ќе се прикаже во програмата Open Air, потоа споменатата хрватска актерка, Јадранка Џокиќ и Андреа Ставенаген, која на фестивалот Морелија во Мексико го води делот за едукација и за латиноамерикански копродукции.