Новинарот, водител, сценарист и актер Рамуш Муарем, деновиве е горд на своето учество во филмот кој предизвика внимание “Земја Точак небо”. Снимен со проверена екипа, кои се и телевизиски творци и борци за правата на Ромите, за искатнување на традицијата, но и за потсетување на мрачната историја низ кој поминал овој измачен, но благороден народ. 
*Документарниот филм “Земја точак небо” ја имаше својата премиера на 31 август, во Кинотека. Филм за историјата на Ромите, филм во една понекласична варијанта. Вие сте во една улога на домаќин заедно со познатиот актер, натуршчук, Северџан Бајрам. Го гледавте и целосно филмот. Кој беше вашиот прв коментар? 
-Контурите на филмот беа поставени уште во времето кога го пишував сценариото, заедно со продуцентот Зоран Димов. Сето тоа беше надополнето за време на снимањето, па и монтажата. Кога заврши целата пост продукција ни беше јасно дека направивме нешто за прв пат – вистински филмски документ за целата ромска историја, врз база на искази, факти со најрелевантните ромски фактори– луѓе кој цел свој живот го поминале во истражување и документирање на фактите.
*Интересен времеплов низ времето, вековите и териториите, од почетоците на формирањето на ромската нација се до денес. Како дојдовте на ваква голема идеја? И, мошне обемна реализација? 
-Самиот факт дека, без лично преценување, многу добро ја познавам ромската историја, традиција, култура, јазик…За неа сум заинтересиран во последните 25  години. Идејата за реализација беше на самиот Зоран Димов, кој надополнет со екипата, се решивме на ваков чекор.
*Многу материјали се прикажани во филмот, снимени и архивски. Кои земји ги посетивте? Како од целокупната богата историја низ секоја држава, ги одбравте токму тие? 
-Според одвоените средства од Филмскиот фонд на Македонија (голема благодарност до нив), побараните средства беа да бидам искрен преполовени. И според народната „Колку чергичето –толку испружи ги нозете„, на некој начин беме спречени да го реализираме според првичниот план. Но, сепак, и со тие средства направивме нешто што мислиме дека е ок. Посетивме над 15 држави низ светот, а искрено материјал имаме уште за најмалку 3-4 филма со слична тематика.
*Од мој агол, филмот на мошне спокоен начин и со смирен тон ја пренесува драматичната историја на Ромите, без оваа вообичаена тага, што се јавува кога се гледа документарец за луѓе кои страдале. Би рекла, сосема достоинствено и без обид дополнително да се дразнат таговните емоции кај гледачот. Од позиција на гледач велам, неоптоварувачки филм. Но, вие од екипата објаснивте дека има материјал за уште многу нови продолженија. Ќе направите нешто дополнително и со тоа? 
-Во овој филм имаме неколку хронолошки периоди спакувани во 60 минути. Материјал реков имаме. Интенцијата е да направиме за секој хронолошки период од ромската историја најмалку уште едно 5-6 парчиња по 50-тина минути.
* Би било ли неблагодарно ако си дозволам да прашам кој дел од сите тие материјали “ве скрши” одвнатре. Сепак, не е лесно да се прегледува архива од концентрациони логори, страдања, преселби, бркања, неприфатеност, раселувања… 
-Ромската историја е навистина мачна и многу тешка. Мене лично отсекогаш ме „убиваше„ Холокаустот и периодот од Втората светска војна. Ако се забележи во целиот филм тој дел е некако најнабиен и временски зема најголем простор.
*За сето тоа, сиот тој неправеден и незаслужен однос кон Ромите, за среќа гледаме како на минато време. Или, се лажам?
-Искрено целиот минат период е многу тежок. За среќа ова време не е во тој размер еднаков, но за жал, се уште, има многу негативни елементи, кои и не сум некој голем оптимист дека може да се елиминираат, но преку овој филм ни е намерата , колку –толку да се минимизираат тие појави и никогаш да не се повтори – минатото!
*Како екипа, вие од филмот, направивте многу за презентација и прифаќање на ромската традиција. Неуморно работите, посветено, со децении. Од самиот ангажман во телевизијата БТР, преку уникатниот филмски фестивал “Златно тркало”, до снимање филмови. Тивко, а чујно. Кој мотив ве движи напред?
-Токму и напорите се во тој правец. Елиминација на помислата и стеротипизација , стигматизација и дискриминација на една од најнапатените нации во светот –Ромската. Секогаш е мотивот само да се елиминира тој негативен аспект кон Ромите.
*Косценаристот Зоран Димов без сомнение е лидер на Ромите во залагањето за рамноправност со другите нации. Тој најави дека филмот следната година ќе оди на фестивали. 
-Да , Зоран Димов е тој кој сега ќе направи напори овој филм да го проследи на што повеќе филмски фестивали, за да може да го видат што поголем број други народи, цивилизации.
*Многу земји поминавте, да издвоиме и нешто од впечатоците кои остана зад камера. 
-Секоја држава своја приказна! Впечатоците се многу импресивни, Индија, Шпанија, Русија, Шведска, Турција … секоја на свој начин специфична и интересна.
*Насловот “Земја точак Небо” е симболичен но и конкретен. Што означува? 
-Буквално тоа е ромското знаме, а преку него целата ромска историја, култура, традиција, јазик, религија. Горе плавото е -небо, цело небо е наше. Долу зеленото е земја -не има на сите места на планетата земја. А тркалото  е 16 чакра. Што се однесува до бојата, едната е нашиот живот дека потекнуваме од Индија – патувавме, а црвено дека нашето патување низ историјата беше тешко, мачно и крваво.
*Најголемите светски ѕвезди и легенди со ромско потекло се прикажани на крај, некои  од нив – Чарли Чаплин, Рита Хејворт, сер Мајкл Кејн, Рони Вуд, Пабло Пикасо, Јул Бринер, Натали Вуд, Ава Гарднер, Паганини, Елвис Присли, а мене ми фалеа тука уште неколку минути плус за нив, и нашата Есма. Уживаше своевидна планетарна слава од Америка до Индија. Ќе има ли во новите продолженија за Историјата на Ромите ? 
-Поентата на самиот документарец беше, прикажување на интересни и 95% непознати факти за Ромите. Мислам дека во тоа и успеавме. Поентата на тоа дека Есма не е спомената, не значи дека е потценета или омаловажена. Напротив, како и самата напомена таа беше планетарно позната. Но, да признаеме колку од Ромите, толку  и од не Ромите е познато дека Есма е Ромка. Тука сум сигурен дека 100% тоа го знаат сите. За разлика, на пример, од тоа дека познатиот и признат научник и нобеловец по медицина од Данска, Артур Крог е Ром? Ова е само мал пример.
* За крај, останува да прашам, годинава изостана “Златно тркало”, догодина да го очекуваме?
-По план “Златно тркало” требаше да биде во април но, пандемијата со КОВИД 19 ги одложи сите работи, но се надеваме дека до крајот на годината ќе се одржи и ова издание, а ко не во ограничен број и настани тогаш преку он лајн. Програмата и планот на филмовите се завршени и е подготвена, и СП БТР е на готовс.
Валентина Ѓоргиевска Парго