Пишува: Сунчица Уневска

„Концентрирај се бабо, инаку сите ќе се убиеме.“ Тоа е крајната кулминативна реченица во новиот филм на Пјер Жалица, која всушност е клучна. Зошто? Затоа што работите отидоа до такви граници кои создаваат непремостливи бариери. Кавгите во семејството за наследството не се ништо ново, но кога сето тоа се случува во предвечерието на војната и во една зовриена атмосфера, која ги прави глуви за реалноста, тогаш навистина е потребен фокус за да не се загуби и она тло што останало под нозете. Распаѓањето е неминовно, но никогаш не било сеедно како?

Пјер Жалица во филмот „Концентрирај се, бабо“, кој го отвори 26. Сараевски филмски фестивал, прави една речиси камерна драма, чиј контекст и место на случување (во прекрасна куќа на еден рид над Сараево) би требало да и дадат универзален призвук. И навистина, тој посветил многу на дијалозите, на деталите, на описите, на однесувањата што ги дефинираат карактерите и на моменти потсетуваат на драма на Чехов. Има во него доста театарски елементи, што од друга страна, не му одзема на филмот. Она што му одзема е интровертноста и неможноста на карактерите да излезат од милјето. Со други зборови, додека од една страна филмот е филигрански работен, до најситните моменти и значења, од друга страна, го губи поширокиот контекст бидејќи фокусот не го става на смислата и на бесмислата, како интимна, така и општествена. На тој начин драмата останува таму каде што е, запретана во ситниците, во безначајноста, во губењето на поголемата слика.
Не дека филмот не се гледа. Напротив. Во него има одлични актери, има интересни карактери, има предизвик, има жестокост, има забава, има и предвидливост, но тоа не ја прави оваа драма неинтересна. Успева Жалица, заедно со снимателот Алмир Џиколи, да направи навистина ефектни слики, како визуелни, така и наративни, за односите во семејството, за игрите и изненадувањата кои и покрај блискоста секогаш се присутни, од оваа или онаа причина. Понекогаш поради злоба и алчност, но понекогаш и поради некоја замислена неправда, или поради тоа што некој верува дека прави добро и некого заштитува. Тоа е една од оние симпатични конвенционални драми, кои секогаш успеваат да го задржат вниманието, како со умешноста во режирањето и водењето на дејствието, така и со онаа блискост во семејството, со која секој може да се поистовети.

Мајката или бабата е центарот на сè, иако во најголемиот дел е во кревет и не е свесна. Но, сите оние сеќавања поврзани со неа, за некого непријатни, зли, за некого сосем поинакви, наеднаш почнуваат да го одмотуваат клопчето. Тоа и е моќта на овие драми, а веројатно и целта на Жалица, да ја долови таа слика што попластично, за да можеме да навлеземе во овој зовриен свет што подлабоко, откривајќи ги тајните, но и неправдите низ годините. Како и во секое семејство, така и во ова, на сите работи сите гледаат на различен начин. И кога работите ќе ја добијат својата кулминација, тогаш секој на некој свој начин ја покажува вистинската слика. Авторот прави драма, пред сè, за човечката природа и за оние вечни и непроменливи односи на недоверба, на себичност, на омраза и на алчност. И таа драма допира, режирана е одлично, а актерската игра е фасцинантна, почнувајќи од: Јасна Жалица, Емир Хаџихафизбеговиќ, Алма Прица, Јадранка Џокиќ, па сè до Мира Бањац, Бранимир Поповиќ и Џенита Имамовиќ.

Но, останува да виси онаа недоловена амбиција, бидејќи тие две состојби во филмот, надворешната и внатрешната во овој контекст не можат да се поврзат, не функционираат. Иако има назнаки, па и обид за директна паралела, дека е невозможно да се случи војна во една таква „компактна“ средина како што е Сараево, сепак, тоа не го дава замислениот впечаток. Некако, во филмот има две паралелни многу силни нарации, кои губат поради присуството на другата. Едноставно, не можат на овој начин да се поврзат. Семејната драма не ја добива универзалноста, затоа што е запретана во контекст кој не и дава да биде целосна. Додека тој (воен) контекст се губи во Чеховската драма, чија атмосфера, слики и изненадувања се свет сам за себе, свет кој е непроменлив и нефункционален, особено кога ќе се обидете да го преместите во друг контекст, заборавајќи ги изворните нишки.

Распадот е болна тема, но смислата и бесмислата, вечните пориви и крајните небулози не се секогаш исти. Не, нималку, многу е важно опкружувањето и реалноста, онаа реалност која умее да ја исцрта бесмислата до крајни граници, онаа реалност која умее да ги фати оние вечни човечки слабости, кои барајќи повеќе, ја забораваат смислата, па дури и причината за своите постапки. Универзалноста бара поистоветување, бара емоција, бара доживеаност, универзалноста бара логика, бара судбина, бара директност или индиректност, но со дефинирана цел. Не е секогаш најважно како е направен филмот, понекогаш е поважно да функционира и да знае како да допре, за да можеме таа трагедија да ја доживееме, а не да ја видиме. Не е дека е ова лошо направен филм, не, тој е одлично изработен, но не е функционален во пораката која сака да ја долови. И затоа не допира, барем не онаму каде што цели.