Откако вчера министерот Филипче потврди дека за сега породилното е продолжено до 31 јули, реагираат родителите на деца кои се најдоа во меѓупросторот од затворање на градинките и прогласување на вонредните мерки и чиј статус не е решен.

Има родители на кои породилното им завршува ден пред или на самиот ден на затворање на градинките и кои се оставнеи во тој меѓу простор. Не добиваат пари од Фондот за породилно отсуство, а немаат каде и кому да ги остават децата, градинките се затворени. Досега повеќе пати реагирале и барале решение, но како што велат никој од надлежните не им одговорил.

Една од мајките кои бараше да остане анонимна (идентитетот познат на редакција), го напиша следново:

„Ви се обраќаме како мајки кои се чувствуваат крајно дискриминирано. Мајки кои веќе повеќе од 1 месец користат годишни одмори и боледувања за да ги заштитат своите деца од ситуацијата со вирусот. Затоа што ние сме мајки на кои породилното им заврши во периодот од 12 март до 17 март, а градинките ги затворивте на 11 март. Затоа што не спаѓаме во ниедна категорија на граѓани кои се заштитени од државата. Зарем за нас неможеше да се најде решение, да ги заштитиме нашите деца? Зарем ние не сме во опасност како и мајките на кои им заврши породилното после 18 март? Пишуваме континуирано од почетокот , мислејки дека некој ќе не слушне и нас, но ништо. Зарем не беше времена мерка затварањето на градинките, па со тоа да помислевте и на нас? Дали воопшто ќе се заинтересира некој да не заштити и нас или треба да се вратиме на работа изложени на ризик? Ве молам за одговор. Со почит,“

ТЕХТ.МК се надева дека од ресорноро министерство ќе го прочитаат барањето на родителите и ќе им одоговорат.

Н.Д.